Хрватскиот стручњак Лино Червар уште еднаш се наврати на дебаклот на Металург од 35:17 кој им се случи минатото коло во Барселона и изјави дека неговите играчи прерано се предале што не претставува нивна карактеристика.
Но во оваа тешка група тимот од Автокоманда мора веднаш да се рехабилитира, да го заборави тешкиот пораз од Каталонците и да оди на победа против белорускиот претставник кој минатата сезона беше два пати совладан од Металург во осминафиналната елиминациска фаза.
„Динамо Минск беше во водство против ПСЖ 50 минути, а потоа ги совлада Вардар и Тун. Тоа е сериозен државен проект кој има 50% странски ракометари и кој треба да го респектираме. Овој меч е многу важен за нас бидејќи може да разјасни многу нешта во групата. Ја повикувам публиката повторно да ни биде наш осми играч затоа без нив немаше да го победиме ПСЖ", рече Червар.
Хрватскиот стратег ја анализираше и одбраната на противникот која смета дека е малку поинаква од останатите екипи, плитка 6-0, а одбраната како клуч за триумф смета дека ќе биде и Дејан Манасков.
„Динамо го промени составот во однос на минатата сезона со многу нови играчи и јас тука ја гледам нашата шанса затоа што тие се уште не се добро воиграни. Мислам дека одбраната повторно ќе биде клучна, така што мораме да ги спречиме нивните брзи контранапади и да се обидеме со голови од крилни позиции да им ја олесниме задачата на бековите", изјави крилото на Металруг.
Натпреварот се игра во недела со почеток од 18 часот, а од клубот информираат дека во продажба се останати уште 200 влезници.