Червар: Барселона е фаворит број 1 во ЛШ

Неприкосновениот каталонски гигант е последниот гостин во „Борис Трајковски" во групната фаза од ракометната Лига на шампиони кој му гостува на тимот од Автокоманда. Заедно со Веспрем се единствените две екипи кои не знаат за пораз оваа сезона.

Ракометарите на Барселона предвреме си ја обезбедија лидерската позиција во групата и тие се најефикасниот тим оваа сезона во Лигата на шампионите со 319 постигнати голови. Пласманот во осминафиналето е веќе обезбеден и за Металург, а тоа за нив ќе значи помал притисок против големиот фаворит кој на првата средба славеше убедливо со 35:17.

„Ни доаѓа противник кој за секоја екипа е голем предизвик и кој е фаворит број 1 за освојување на ЛШ. Свесни сме дека се очекува да им се спротивставиме, а сигурно и тие ќе го дадат максимумот, без разлика што мечот нема поголемо резултатско значење за нив. Мислам дека најважно в недела ќе биде нашите играчи да дадат се од себе, да се обидеме со борбеност да му се спротивставиме на големиот фаворит. Немаме што да загубиме, ќе излеземе на терен и ќе одиграме најдобро што знаеме против овој европски гигант. Очекувам одново да имаме проблеми во нападот, но ќе повторам, имаме докажано дека со борбеност можеме да му парираме на секој ривал“, изјави Червар.

Металург пред своја публика го изненади дрим тимот на ПСЖ, а за сензација ќе се бори и со најтешкиот противник во групата. Хендикеп и натаму ќе им претставува отсуството на Наумче Мојсоски, како и нецелосно подготвениот Атман кој има проблеми со рамото.

„Сакаме да играме против големи тимови, особено во Скопје, кога тука падна ПСЖ, зошто истото да не се случи и со Барселона. За нив овој меч нема резултатско значење, но се силно мотивирани за да останат непоразени сезонава. Ние имаме проблеми со повреди, но ќе излеземе и ќе дадеме се од себе. Одбраната не е на ниво од лани, треба да поработиме повеќе. Ако играме цврста одбрана и паметно во напад, ќе може да се носиме со Барселона“, рече Миркуловски.

Нашите два претставника во најквалитетното клупско ракометно натпреварување Металург и Вардар, како и Барселона и ПСЖ се следните четири патници во топ 16 фазата од групата Ц каде отпаднаа Динамо Минск и Вакер Тун.

Конечната разврска во групата за втората, третата и четвртата позиција ќе биде позната овој викенд по завршувањето на саботниот дуел помеѓу ПСЖ и Вардар и оној во недела во Скопје.

21 февруари 2014 - 13:17