Блесок на Металург, Дарко Арсиќ е новиот Дарко Станиќ

Ракометарите на Металург одиграа феноменален меч со тотално драматична завршница во која херој беше Дарко Арсиќ со 16 одбрани. Во последните секунди фати чиста топка во игра еден на еден, клучна за голема победа против Ла Риоха во ЛШ.

Воведните 9 минути од средбата донесоа ракомет во кој се играше гол за гол. Први отворија гостите, а Металург беше тој кој ја бркаше негативата. Дарко Арсиќ со одлични интервенции веднаш почна да се издвојува на средбата, што беше мотивација плус за ракометарите на Лино Червар да тргнат поконкретно и да го преземат водството.
 
Тоа го наградија малку подоцна со серија од 5:0 и од негатива 3:4 стигнаа до водство од 8:4. Ла Риоха 8 минути беше постигнат гол, и мораа да ги решаваат проблемите со тајм-аут.
 
До истекот на првото полувреме немаше драстични промени во поглед на резултатот. Арсиќ имаше фантастични 30 минути во кои оствари 9 одбрани, а Обрадовиќ и Талески ја одржуваа предноста за 11:9 на паузата.
 
Двајцата ракометари кои беа најдобри во нападот на Металург во првото полувреме, одлично го отворија и вториот дел и го одведоа Металург до +4, трет пат на мечот.
 
Момент за одбележување беше 35 минута од натпреварот кога Арсиќ направи шоу за публиката со двојна одбрана во дуелот еден на еден со Фернандез Перез. За неговите две фантастични интервенции да бидат исплатливи се погрижи Костески со погодок во следниот напад.

Ракометарите на Ла Риоха притиснаа и по оние 4:4 на стартот, второто израмнување на мечот го направија во 45 минута. Периодот за Металурзите беше критичен, Обрадовиќ не можеше сè сам, а Шпанците со серија од 7:2 за 11 минути игра го свртија мечот и на 10 минути до крајот имаа 20:21.
 
Гостите брзо стигнаа и до +2, а потоа Металург покажа дека во Скопје предноста од два гола разлика на 5 минути до крајот не значи ништо. Следуваа две драматични минути во Борис Трајковски во кои Драгаш успеа да постигне дури три гола за пресврт и ново водство на Металург.
 
Гостите израмнија, а драмата продолжи со уште еден гол на Драгаш, четврти во низа со кој ја држеше публиката на нозе. На две минути до крајот Металург имаше +1 и нова одбрана на Арсиќ. Драгаш направи пробивање, гостите техничка грешка во напад и наместо Металург да ги истроши сите 20 секунди во ситуација кога мечот го има во раце, Пешевски избрза со шут, а гостите во последните 5 секунди го пронајдоа Перез, кој очи во очи со Арсиќ го загуби дуелот и мечот заврши 24:23.
 
Најдобар поединец на средбата беше Дарко Арсиќ со 16 интервенции, Обрадовиќ и Драгаш постигнаа по 7 гола, а Талески 4.
 
Металург сега има скор од две победи и два порази во Лигата на шампионите, а на 23 октомври му гостува на Монпеље.
15 октомври 2016 - 19:10