По 13 години пауза битолската публика имаше можност на свој терен да го бодри нашиот национален тим. Салата Боро Чурлевски очекувано крцаше и грмеше во градот кој е познат по својата ракометна традиција.
Македонија без проблем ги освои планираните бодови бидејќи важеше за апсолутен фаворит, но и покрај разликата во квалитет се изнамачи и не успеа да слави со голема разлика. Конечниот резултат е 31:27.
По нерешените 4:4 во 8-та минута, Македонија премина во водство и не го испушти се до крајот на мечот. Играше разновиден напад со погодоци од сите позиции, а во 25 минута стигна до +6. На пауза нашите ракометари заминаа со водство од 17:13.
Турците изненадија со цврстата одбрана, а момците на Раул Гонзалес редеа грешки во додавања во вториот дел. Во 54 минута предноста на Македонија неочекувано изнесуваше само +3.
Најпрецизен на мечот беше капитенот Лазаров со 8 гола, Манасков постигна 6, а Талески, Стоилов и Георгиевски со по 4.
На 28 октомври Македонија го игра вториот квалификациски меч и тоа против Грција во Кожани со почеток од 18:30.