За кого навивале Хитлер, Франко, Мусолини, Николае Чаушеску, Мугабе? Сите тие и многумина нивни „другари по владеење“ се запишани на најлошите страници во светската историја, а клубовите за кои навивали не се баш најсреќни што нив ги поддржувале овие диктатори.
На пример Адолф Хитлер, лидерот на нацистичка Германија наводно бил голем љубител на фудбалот а од сите германски клубови, најмногу го сакал Шалке 04. Од друга страна, овој клуб чии навивачи веќе неколку години се во пријателски односи со навивачите на скопски Вардар (одвреме-навреме си одат на гости), ги демантираше тврдењата на британските медиуми со појаснување дека во евиденцијата на Шалке 04 не постои никаков податок за членството на Хитлер во клубот или купена влезница за некој натпревар.
Бенито Мусолини, пак, братот на Адолф по фашизмот бил познат како голем навивач на римски Лацио чии ултраси ден денес не бегаат од крајно десно-ориентираниот концепт.
Франциско Франко, еден од најозлогласените диктатори во историјата, сакал да гледа фудбал, но никогаш до крај во Шпанија не е разјаснето за кој клуб од Мадрид навивал: Реал или Атлетико Мадрид. Во секој случај, навивачите на двата клуба никогаш не би признале дека генерал Франко бил нивен навивач.
За Николае Чаушеску на далеку е познато дека многу ја сакал Стеауа, романскиот великан кој за време на владеењето на крвавиот диктатор од Карпатите, редела триумфи и рекорди за кои ден денес се зборува. Во 86’-та година, Стеауа стана европски првак. Пари за фудбал во Романија тогаш имало, а за животот на обичниот човек, храна и вода - немало.
Во време на ловот на Британија и САД за Осама Бин Ладен, англиските медиуми пишуваа дека Талибанскиот лидер ги следел натпреварите на Арсенал и многу навивал за овој клуб додека престојувал во Лондон.