Се сеќавате на руските хулигани од Евро 2016? Ене ги чмаат во француски затвори

Суд во Франција ги осудил Михаил Ивкин и Павел Косов на 3 односно 10 години затвор за нанесување тешки повреди на Англичанецот Ендрју Бејч за време на Европското 2016. И не само нив.

МАРСЕЈСКАТА БИТКА ВО ЈУНИ 2016-ТА

На 11 јуни 2016-та пред мечот од групната фаза меѓу Русија и Англија на Европското првенство, во Марсеј со саати траеше руски лов на англиски навивачи.

Со оглед на тоа што англиските навивачи во '70-те, '80-те и '90-те години важеа за прави хулигани, во навивачкиот свет тие се сметаа за прав предизвик на сите останати.

Но поради стрикните и многу строги закони во Велика Британија, на тамошните стадиони и околу нив веќе не смее да прелета пиле, па така и хулиганизмот во Англија веќе е „далеко минато“.

Руските хулигани меѓу кои имаше и професионални кик-боксери допатуваа во Франција со цел „да го преземат“ приматот за најжестоки хулигани во Европа.

Во строгиот центар на Марсеј, во стариот дел од градот кај пристаништето избија неколку големи тепачки во кои подебелиот крај го извлекоа Англичаните кои не беа спремни дека Русите ќе ги ловат. 

Големи тепачки избија и на трибините на самиот меч.

Полицијата приведе стотина руски и англиски навивачи, а на суд сведочеле полицајците Жил Монфор и Патрис Мартен кои биле на пристаништето. Тие опишале дека англиските навивачи пиеле во баровите и кон нив дошла група руски навивачи.

Полицаецот Монфор сведочел дека русите навивачи биле спремни, организирани за напад и биле трезни, а Мартен додал дека познал дека тоа се руски навивачи по обележјата кои ги носеле.

Судот на крај пресудил: Павел Косов осуден на 10 години затвор, Михаил Ивкин 3 години, Алексеј Ерунов добил 2 години затвор, Сергеј Горбачев 18 месеци, Николај Морозов една година, а дваесетина навивачи кои долго време биле во притвор се депортирани назад во Русија.

На сите ќе им биде пресметано и времето поминато досега во притворски единици.

Англиските медиуми неколку дена после тепачките пишуваа дека најтешко повреден бил 55-годишниот Ендрју Бејч од Портсмут кој завршил во кома.

Тој не успеал да избега на време и бил опкружен од петмина руски хулигани кои го претепале.

На видео снимките покажани на суд се видело кој од обвинетите го удира со стол по глава. Медицински експерт рекол дека само благодарение на брзата реакција на полицаецот Патрис Мартен го спасило животот на Ендрју кој имал повреди како да паднал од 8-ми спрат.

Самиот Бејч не присуствувал на судењата поради нарушено здравје. На процесот бил неговиот син кој раскажал дека татко му има парализирана лева страна од телото.

Од друга страна одбраната на обвинетите тврдела дека Бејч нема здравствени проблеми и дека има фотографии на кои се гледа како тој стои со пиво во рака. Двајцата биле приведени во Минхен во 2018-та година, на барање на француската полиција. Тогаш тие тргнале на гостување со Спартак кон Билбао на меч со Атлетик во Лига Европа (тој меч го следеа страшни нереди на руските хулигани во кои загина еден баскиски полицаец).

Одбраната тврдела дека двајцата првообвинети за нередите реагирале во самоодбрана, дека не носеле никакво оружје. Француските адвокати на обвинетите Руси тврдат и дека станува збор за политичка пресуда.