Најанти-арапскиот клуб во Израел - сага за љубов, омраза, фанатизам

Во август 2020-та Израел и ОАЕ (Обединети Арапски Емирати) потпишаа историски договор за целосна нормализација на односите (кои никогаш не биле нормални). Во Тел Авив слета прв комерцијален лет на компанијата Etihad и следен чекор беше соработка во спортот.

Шеик Хамад бен Халифа Ал-Нахајан од богатата династија емири од Абу Даби кој е и претседател на ОАЕ, реши да купи 50% од најанти-арапскиот и најжестокиот израелски фудбалски клуб чии навивач отворено мразат Арапи. На крај поради целиот отпор кренал раце.

НАВИВАЧИТЕ НА БЕИТАР СЕ ЕВРЕИ-СЕФАРДИ И МИЗРАХИ, ДЕСНИ НАЦИОНАЛИСТИ, КЛУБОТ Е СИНОНИМ ЗА ПРОТЕСТИ ПРОТИВ АРАПИ

Во 1949-та година кога Евреите-мизрахи и Евреите-сефарди активно мигрирале од муслиманските и арапските земји во Израел, новинарот Арие Гелблум напишал:

„Ова е расна имиграција која уште не сме ја знаеле. Имаме работа со примитивни луѓе чие знаење и талент е нешто поголем од оној на арапите, црнците и берберите во тие региони. Во тие Евреи не останале јудејски корени, тие ги слушаат примитивните инстинкти. Тие како и Африканците играат карти во пари, пијат и поддржуваат проституција. Хронично се мрзливи и неработливи. Во тие социјални елементи нема ништо безопасно“.

Токму наследниците на оваа група Евреи која што ја зборувал Арие Гелблум ја основале првата навивачка база на фудбалскиот клуб Беитар, мал ерусалимски клуб на десничарските ционисти на почетокот на ХХ век.

Беитар брзо нашол многу навивачи благодарение на политиката. Луѓето со воглавно левичарски ставови го поддржуваат Хапоел, центристите и богатите се за Макаби Тел Авив, а десничарите и националистите - Беитар. 

„Знаете, практично секој меч меѓу клубовите од разни општества се претвораат во политичка битка. На фудбал во тоа време порано оделе политички свесни луѓе кои живееле на територијата на Палестина уште пред основањето на Израел“, пишал Амир Бен Порат од Универзитетот Бен Гурион во Бер Шева.

Политичкиот естаблишмент во Израел во '50-те години се состоел од работничката партија МАПАЈ чии членови го поддржувале Хапоел. Навивачи на Беитар (воглавно во тоа време повеќето биле од сиромашните реони на Ерусалим) во Хапоел Тел Авив гледале симбол на власта која што ја кривеле за сиромаштијата.

„Вербални а неретко и физички напади на фудбалерите на ривалскиот клуб ги заменуваа напади на омразената власт. Навивачите на Беитар, најчесто сефарди и мизрахи кои ја поддржуваа партијата Херут, чувствувале дека нив намерни ги истиснуваат од јавниот живот. Се кревале на бунт и организирале протиести против власта на стадионот“, пишува новинарот Бен Порат.

А Ела Шохат, предавач на факултетот за блискоисточни и исламски студии на Универзитетот во Њујорк вели:

„Во западниот дискурс европските ционисти ги спасиле сефардите од арапските напади, ги извадиле од сиромаштија и суеверијата и ги внеле во современото западно општество со толерантност и демократија. Во западната реторика тоа овозможило разликите меѓу западните и источните Евреи да се намали, но ниското ниво на образование и отсуство на демократско искуство ги направиле Евреите од Азија и Африка поконзервативни и религиозно фанатични“.

После 20 години, некаде во 1970-те, претходно угнетените и обединети сефарди и мизрахи, навивачи на Беитар ја освоиле власта. Десничарската Херут победила на парламентарни избори, а клубот добил голема поддршка од државата, па наместо критика кон власта сега омразата била свртена кон Арапите.

„Победата на десницата на изборите во 1977-ма го воздигна Беитар во клуб на силен еврејски национализам.

Тој процес одвлече многу навивачи од исламските земји. Беитар стана народен клуб. Тоа доведе до анти-арапско расположение меѓу навивачите“, пишува Ги Абутбул Селинџер, предавач на Колеџот на академски студии во менаџмент во Израел.

Беитар од тогаш станува најпопуларен клуб во Израел со голема армија навивачи, поголема од сите останати клубови.

ВО 2013-ТА ГОДИНА ВО БЕИТАР ДОЈДОА ДВАЈЦА ЧЕЧЕНЦИ ОД АХМАТ КОИ ПРЕЖИВЕАЛЕ ПЕКОЛ

За навивачите на Беитар од Ерусалим, клубот е вредносно мерило, морален ориентир, нешто свето и чисто кое ги „штити од арапскиот свет“.

Секој сабота навивачите прво оделе во синагога на рана молитва а после на утакмица. 

Во Беитар нормално реагираат на играчи-христијани од Бразил, од Аргентина или од европските земији, без разлика дали се црнокожи. За нив тоа се странска работна сила а не државни непријатели.

„Малиот број нееврејски и неарапски играчи во првенството на Израел силно влијаеше на развојот на фудбалот во земјата. Пример, поранешниот српски тренер Слободан Драпиќ или поранешниот хрватски репрезентативец Џовани Русо живеат во Израел и се неофицијални амбасадори на нашата земја. Нив никој не ги смета за непријатели на Беитар или фудбалот во Израел“, вели Ги Абутбул Селинџер

Но навивачите затоа се жестоко против фудбалери-муслимани. Најрадикални се членовите на групата La Familia.

„Подобро клубот да згасне отколку управата да донесе играч арап. Подобро да не постои Беитар отколку да има арапи во екипата“, вели навивачот Офир во документарецот „Јас го сакам Беитар“.

Во 2013-та година одекна веста дека во клубот дошле двајца играчи од чеченски Терек - Заур Садаев и Џабраил Кадиев. Во Чеченија сметале дека овие двајца играчи би можеле да ги подобрат меѓународните односи со Израел.

„Игравме со Терек и мечот заврши 0:0. Пред мечот претседателот на Чеченија Рамзан Кадиров ме праша: „Каков резултат сакаш: 0:0, 1:1, 2:2?“, раскажува некогашниот сопственик на Беитар, Аркадиј Гајдамак во документарката Beitar. Forever Pure.

„Рамзан Кадиров постави највисока цел. Ние ќе направиме сè што е до нас за светот да има добро мислење за нас. Во таа смисла и Израел. Повикуваме инвеститори од цел свет да покажеме дека ние не сме бандити. Затоа преку клубот Терек Грозни и спортот може многу да се добие“, рекол потпретседателот на Терек Хајдар Алханов.

Но навивачите на Беитар во тоа Терек да позајми двајца фудбалери во нивниот клуб виделе провокација и предавство од управата. La Familia се заканувала дека нема да ги пушти тие двајца играчи на терен и биле спремни на сè.

На првиот тренинг Садаев и Кадиев биле исвиркувани и навредувани. Навивачите им скандирале: „Одете во џамијата Ал-Акса (најпозната џамија на Ридот на храмовите во Ерусалим и трето најсвето место во исламот).

Клубот не реагирал па навивачи дури и ја запалиле канцеларијата на управата.

„Секако дека не сите Арапи се терористи, но не ги носете во мојата екипа“, во документарниот филм за Беитар вели извесен Ошри.

Во март 2013-та Садаев излегол на терен и дури дал гол. Навивачите се поделиле, едни престанале да го исвиркуваат, други ја напуштиле трибината веднаш после голот на почеток на вториот дел.

Од потписот на Садаев и Кадиев никој не добил ништо. Беитар победил само на 1 меч од 13 и се спасил некако од испаѓање. Садаев дал еден гол на 7 меча и ниеднаш не одиграл од почеток до крај. Кадиев само еднаш влегол од клупата за резерви а после не играл ниту во Ахмат назад во Чеченија.

„Секако дека го направивме тоа смислено. Ги потпишавме Садаев и Кадиев не зошто се добри фудбалери. Не знам дали знаат или не знаат да играат фудбал. Знаев само дека ќе има реакција од навивачите. Тоа требаше за да и се покаже на јавноста каква е ситуацијата“, рекол претседателот на клубот, Гајдамак.

Гајдамак бил разочаран кога не му успеало да ја искористи популарноста на Беитар во политичка поддршка за да стане градоначалник на Ерусалим.

„Тој го купи клубот во 2005 а во 2008-ма бил поразен на локалните избори. Знаел дека трансфер на муслимански играчи ќе го потресе Беитар од внатре а навивачите тоа добро го знаеа“, вели во интервју за Haaretz Софија Соломон од Универзитетот Бен Гурион во Бер Шева.

На 26 март 2013-та година Гајдамак кренал раце од клубот. За 8 години владеење вложил околу 400 млиони шекелеи а Беитар два пати стана шампион на Израел 

ЗА 7 ГОДИНИ БЕИТАР СМЕНИЛ НЕКОЛКУ СОПСТВЕНИЦИ, НАВИВАЧИТЕ НЕ ДОЗВОЛИЛЕ КЛУБОТ ДА ГО КУПАТ ШЕИЦИ ОД ОАЕ

Ни по заминувањето на Гајдамак ништо не се сменило. Беитар и натаму останал најполитизиран клуб во Израел за кого отворено навива и премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во 2018-та година управата објавила дека привремено клубот го преименува во Беитар Трамп Ерусалим во чест на претседателот на САД кој го призна Ерусалим за главен град на Израел. 

Но името не проживеало долго. После пар месеци новиот газда на клубот ја сменил одлуката.

Амбиентот околу клубот полека се смирил во 2018-та година кога богатиот израелски бизнисмен Моше Хогег кој стекнал огромно богатство преку блокчејн, го купил Беитар.

Тој се идентификувал со навивачите на клубот поради неговото северно-африканско потекло, но не ја поддржувал нетрпеливоста кон муслиманите. И тој лично ги донел инвеститорите од ОАЕ во клубот. 

Еврејската јавност со сомнеж гледала на овој потег богати инвеститори од ОАЕ да го купат клубот и сметале дека ова е политички потег.

Во декември 2020-та година 50% од акциите на клубот ги купил Хамад бен Халифа Ал Нахајан, член на едно од кралските семејства во ОАЕ. Израелскиот и арапскиот сопственик на Беитар во заедничка изјава рекле дека целта на партнерството е борба со расизмот и екстремизмот меѓу навивачите.

„Нашата порака завршува со тоа дека сите сме исти. Сакаме да покажеме дека можеме да работиме и заедно да направиме убави работи. Пораката е поважна и од фудбалот“.

Шеикот рекол: „Сега вратата е отворена за сите. За секој играч без разлика на религија и националност. Треба да им покажеме на лужето дека правиме позитивни чекори кон мир и разбирање“.

Но навивачите на Беитар жестоко го критикувале Моше Хогег, израелскиот сосптвеник на клубот.

Фудбалската федерација на Израел наводно ги проверувала парите на шеикот Ал Нахајан и открила дека бизнисменот владее со десетина неактивни фирми кои се поврзани со перење пари а 1,5 милијарда долари од вкупно 1,6 милијарди колку што поседувал се обврзници од Венецуела со кои не се тргува.

После почнала бирокатската збунка. Израелскиот фудбалски сојуз побарал дополнителни документи. Хотег морал да лета до Дубаи за нив, но на крај шеикот кренал раце од целата зделка.