Европската фудбалска унија (УЕФА) беспрекорно ги организира натпреварите во двата најголеми клупски турнири под нивна закрила. Но луѓето од Нион се немоќни да спречат проблеми надвор од стадионите, а проблеми се случуваат речиси секогаш кога има Лига на шампиони или Лига Европа.
Хулиганите ширум континентот се докажуваат едни со други, а нередите за епилог најчесто имаат не баш пријатни слики за гледање.
Минатата недела во нокаут фазата од Лига Европа играа Олимпијакос и Динамо Киев. Мечот заврши 2-2, а реваншот е вечерва во Украина. Таму допатувале стотина навивачи на грчкиот тим по кои веќе почнал „лов“ од Украинците.
Групата Гејт 7 од Пиреја важи за блиска со навивачите на Црвена звезда, а преку нив и со оние на Спартак Москва. Од таа причина Олимпијакос издал соопштение:
„Со оглед на тоа што мечот е прогласен за натпревар од висок ризик, украинските власти не советуваа:
1. Нашите навивачи да избегнуваат да користат јавен превоз. Силно ви се препорачува такси
2. Не влегувајте во политички дискусии, особено не за војната во Источна Украина
3. Не носете знамиња од Руска Федерација или други симболи
4. Не носете гардероба и останати реквизити на Олимпијакос
4. Не носете реквизити на Спартак Москва или нивни симболи по улиците
5. Не носете комунистички симболи.
Ова стигнува откако на првиот меч во Грција, домашните навивачи извадија руско знаме на оградата пред почетокот на мечот со Динамо Киев.