Навивачите на Олимпијакос му приредија пречек на Марсело, мислиш финале во ЛШ играат

Бразилецот има освоено пет титули во Лига на шампиони со Реал, ама никогаш во кариерата не доживеал ваков пречек, организиран специјално само за него.

Марсело замина од Сантијаго Бернабеу после 16 сезони и вкупно 25 трофеи, а синоќа пристигна на стадионот Караискакис во Пиреја, каде околу 20.000 навивачи му приредија невидена фешта.

Бразилската ѕвезда дојде со сопругата и двата сина, а на аеродромот во Атина, каде слета со приватен авион, го пречека спортскиот директор на Олимпијакос, Кристијан Карембе.

Од Реал замина како слободен играч и потпиша договор на една година со опција за продолжување за уште една. 

Олимпијакос му е трет клуб во кариерата, по Флумименсе и Реал Мадрид, каде освои сè и одигра 546 натпревари. На терен се појави со бројот 12, кој го носеше и на Бернабеу.

Марсело има 58 настапи за Бразил кој играше на два Мундијали.

Со Олимпијакос ќе игра и во Лига Европа во група со Нант, Фрајбург и Карабах.

6 септември 2022 - 09:03