Навивачите на Левски ја погребаа ЦСКА Софија со поп и опело

По неколку години во пониските лиги поради банкрот, армејскиот клуб ЦСКА Софија повторно се врати во првата лига каде се сретна со вечниот ривал Левски Софија. Мечот заврши 1-1, а дербито го одбележи сценографијата на навивачите на Левски.

На дуелите меѓу овие две екипи, како и во српското вечно дерби меѓу Партизан и Црвена Звезда, највпечатливи не се случувањата на теренот, туку активноста на навивачите. Саботното дерби ЦСКА - Левски сигурно ќе влезе во историјата, благодарение на оригиналната акција на ултрасите на „Сините“.

Пред почетокот на мечот, навивачите на Левски организираа оригинална погребна поворка кон стадионот која одеше заедно со навивачкото кортео. Планот им бил поворката да оди до стадионот каде „ќе ја погребаат“ ЦСКА Софија. Сите беа облечени во црно а пред нив одеше погребална кола чија хауба беше окитена со цвеќе и шал на „Червените“.

На чело на поворката одеше човек облечен како свештени со кадилник и крст во рацете. Покрај ова, навивачите на Левски го искористија дербито и да му оддадат почит на Димитар Списаревски, бугарски пилот кој се борел на страната на Третиот рајх. Списаревски станал познат откако при еден воздушен напад на Американците на Софија во 1943. година самостојно полетал и срушил неколку непријателски авиони.

Ништо послаби не беа ниту навивачите на ЦСКА Софија кои својот клуб го бодреа и во четвртата, па во третата и втората лига каде натпреварите ги следеа околу 10-15.000 навивачи. Тие имаа одлична кореографија со нацртана шеталица и под неа парола: „Ние сме родени со судбината на шампион“. Целата кореографија ја проследија црвени димови и стробови.

Кога сме веќе кај резултатот, мечот заврши 1-1. Во 34. минута напаѓачот на Левски, Френсис Нарх ги доведе „Сините“ во водство а во 76. минута Преслав Јорданов израмни на 1-1 од пенал. На табелата после 10 одиграни кола, Левски е прв со 24 бода пред Лудогорец кој има средба помалку со 22 бода. ЦСКА Софија е трета со 18 бодови.

 

16 октомври 2016 - 12:26