Расел Вестбрук е дефиниција за трипл-дабл учинок

Кошаркарот кој ја освои МВП наградата за најдобар играч на неодамнешниот Ол-Стар, по петти пат на последните шест натпревари стигна до трипл-дабл учинок. Неговите Оклахома Сити Тандер синоќа славеа против Торонто 108:104.

Водечкиот стрелец во НБА, Расел Вестбрук синоќа ја продолжи доминацијата, откако против Репторс уфрли 30 поени, имаше најмногу асистенции во неговата кариера дури 17 и освои 11 скокови за седми трипл дабл-сезонава, а 15-ти во кариерата.

Вестбрук ја продолжи доминацијата и по Ол Старот каде беше убедливо најдобар играч.

Вестбрук ја освои и наградата играч на месец февруари во Западната Конференција, а синоќа против Торонто поддршка имаше и од Енес Кантер кој уфрли 21 поен со 12 скокови и Серж Ибака со 21 погодог и пет блокади. ДеМар Дероузн беше најефикасен кај Репторси со 24 поени, а Теренс Рос придодаде 20. Синоќешниот пораз беше трет по ред за Торонто.

Далас Маверикс ја прекина мини серијата од два порази и благодарение на Монта Елис го совлада ЛА Лејкерс 100:93. Тоа беше 41. триумф на Маверикс сезонава, а одличниот Монта Елис запиша 31 поен, со 5/7 за три поени. Дирк Новицки уфрли 12, а кај Лејкерс (уште играат без Коби) Карлос Бузер со 17 поени беше водечки стрелец.