За Коби

Коби е енергија, мотивација, инспирација во движење. Борба, издржливост, натпревар. Неприфаќање на статус кво, немање изговори, незастанување додека не стигнеш до целта. Игнорирање на болка, падови, повреди.

Некои комбинации на зборови едноставно не можат да бидат ставени во иста реченица и да имаат смисла заедно. "Смрт" и "Коби" се таква комбинација - колку и пати да ја прочиташ, мозокот одбива да ја испроцесира веста дека Коби веќе не е на овој свет.
 
Тоа впрочем, не е возможно. Ако постои еден човек кој е бесмртен, тоа е Коби. Зар навистина може Коби некогаш да умре?
 
Некои зборови некогаш не кажуваат ништо. Омилен кошаркар. Еден од најдобрите на сите времиња. Идол на цели генерации. Победник по дефиниција. Шампион на теренот и вон него. До утре да редиме суперлативи, нема да може да го опишеме Коби со зборови.
 
Впрочем, нема ни потреба да се опишува Коби, никому - дури ниту на тие кои не прателе баскет. Кога е Коби во прашање, зборовите не кажуваат ништо.
 
Коби е енергија, мотивација, инспирација во движење. Борба, издржливост, натпревар. Неприфаќање на статус кво, немање изговори, незастанување додека не стигнеш до целта. Игнорирање на болка, падови, повреди. Коби е сила кога ја немаш, гордост кога те газат, одлучност кога ништо не извесно, фокус на победа дури и кога губиш.
 
За мојата генерација, Коби е составен дел од нашиот идентитет. Децата кои на 8-9 години го гледаа младичот од Лејкерси како куца кроз нозе на Олстарот 1997, во последните 20 и кусур години ги имаа своите формативни искуства паралелно како што се развиваше приказната на Коби.
 
За тие кои бевме големи фанови, кошаркарските успеси (и падови) на Коби се испреплетени со нашите лични успеси (и падови). Секој од нас знае каде беше и што правеше кога Коби играше прв пат на Олстар, кога ги освои титулите, кога постигна 81 поен, кога се повреди, кога се врати, кога се пензионираше и кога му ги повлекоа дресовите.
 
Гледање утакмици во ниедно време вечерта пред тестови и испити, зјапање во постери во соба и како деца и како тинејџери и како адолесценти, симнување клипови со дајл со интернет и големите радости кога се појави Јутјуб, расправање за Коби со другарите од основно, средно, факултет и колегите од работа.
 
Коби е темата за муабет со секого и насекаде, и во маало, и во странство, со таксисти, со професори, со мали деца, па дури и со по некоја баба. Коби спојува светови.

А децата кои го гледаа Коби 1997 сега се возрасни луѓе, а некои од нив имаат и свои деца кои почнуваат да гледаат НБА. Коби го запознавме како основци, далеку пред да се запознаеме и самите себе си.

Коби, со неговата харизма која беше далеку поголема од неговите (притоа врвни) успеси во спортот, беше дел од процесот на растење, зреење и самоспознавање. Токму затоа, веста за фаталната несреќа на Коби Брајант уште долго ќе остане неиспроцесирана.

Коби бил, е, и ќе остане да биде толку голем дел од сите наши животи, што никогаш нема да може да биде прифатливо дека туку така, го нема.

Слава му!

Анастас Вангели

28 јануари 2020 - 08:49