Партизан го преброде и едно од најтешките гостувања во АБА лигата и вечерва славеше во Скопје против МЗТ 63:55. На тој начин, белградскиот состав стигна до седмата победа по ред, а тренерот на гостите на пресот зборуваше за условите во кои функционира македонскиот шампион.
„Гледам дека постои одлична материјална основа и МЗТ мора да бара поголема одговорност од играчите. Нивни се заслугите кога победуваат, но и кога губат. Салата е нова, изгледа одлично, тука е и хотелот и скопскиот клуб ги има сите предуслови за резултат. Единствено, клубот мора да има трпение со тренерите, затоа што навистина не е нормално да се сменат четворица тренери во една полусезона“, истакна Вујошевиќ.
Како и секогаш, така и по дуелот во Скопје, Црногорецот најде примедби на некои елементи во играта на неговата екипа.
„Не знам дали забележавте дека МЗТ имаше 16 скокови, од кои дури 15 во првиот дел, што не смеевме да го дозволиме. Во Скопје секогаш наидуваме на тешки натпревари, некогаш тоа беше против Работнички во минатото, а сега тоа е со МЗТ. Играат како нив да им е поважен натпреварот, исклучително се мотивирани и им честитам на тоа“, констатираше Вујошевиќ, кој им се извини на словенечките судии што пред натпреварот сомневаше во нив, затоа што Олимпија од Љубљана е директен ривал на Партизан во борбата за Ф4.
Следен ривал на Партизан е Левски од Софија во Белград следниот викенд.