Довчерашниот тренер на младинските категории во скопскиот клуб, Врба Стефанов успешно ја почна тренерската кариера во сениорскиот тим на МЗТ Скопје.
Натпреварот започна со наизменично водство на екипите, но неефикасната игра придонесе за скромни 11:10 за „металците“ на крајот од првата четвртина. Шолнок преку Синовец ја одржуваше минималната предност во втората четвртина, а тренерот на домашните се обидуваше да ја најде правата петорка со чести замени.
На Врба тоа му успеа кон крајот на третиот период во кој МЗТ Скопје стекна предност од 10 поени, благодарение на кошевите во серија на Ненад Зивчевиќ (52:42).
„Штрковите“ го скршија отпорот на гостите со стартот на последните 10 минути, кога предноста порасна на 14+ поени разлика, по што мечот веќе беше решен. Пред крајот на средбата, при водство од 20 поени позитива, Стефанов ја замени комплетната петорка и шанса им даде на помладите играчи на МЗТ Скопје.
Во само неколку дена по убедливитe порази од Будуќност во Подгорица и против ФЕНИ во домашното првенство, тренерот Стефанов ги корегирал грешките во одбраната која вечерва беше на високо ниво и прими само 58 коша. .
Најзаслужен за победата на македонскиот шампион беше плејот Александар Цветковиќ со 14 поени и 5 асистенции. Одлична вечер имаа уште и Ненад Зивчевиќ со 14 и Кире Николовски со 9 поени. На „металците“ им следуваат обврските во македонската лига каде следен противник им се Водњански Лисици.