Јастребите уловени во Голден Стејт

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс ја декласираа Атланта 114:95 во дуелот на двете најдобри франшизи во НБА лигата. Фантастична вечер за Никола Миротиќ и Чикаго Булс.

И без Клеј Томспон кој е повреден, Голден Стејт лесно излезе на крај со Атланта Хокс, а најефикасен во триумфот на Воините беше Херисон Барнс со 25 поени. Голем придонес во триумфот имаше и Андре Игудала со 21 поен (9-12 од игра) и 6 асистенции. Стеф Кари уфрли 16 поени и дури 12 асистенции.

Најдобриот тим на Истокот, Атланта Хокс во своите редови ги имаше единствено расположените Пол Милсап и Демаркус Керол со по 16 поени. За 20 минути на теренот, Перо Антиќ даде три поени (0-1 од игра, 3-3 од слободни и 5 скока).

Со оваа победа, Вориорс сега имаат учинок од 54 победи и 13 порази и се најдобриот тим во лигата на еден месец пред крајот од регуларниот дел. Хокси на Перо Антиќ и натаму се доминантни на Истокот со 54-14

Кливленд како по обичај слабо ги започнува натпреварите, а потоа додава гас. Така беше и синоќа кога Кавалирс заостануваа 13 поени против Бруклин, но по серијата 30:8 го решија мечот во своја корист. Тоа беше воедно 14-та победа по ред за Кливленд на домашен терен.

Леброн Џејмс постигна 16 поени и 7 асистенции, а најдобар кај Кавси беше Кајри Ирвинг со 12 поени, 5 скокови и 10 асистенции. Тимофеј Мозгов и Смит уфрлија по 17 поени. Бруклин Нетс не можеше да се потпре само на Дерон Вилијамс, кој даде 20 поени и 6 асистенции.

Двејн Вејд игра сè подобро како завршува регуларниот дел од сезоната во НБА. Вејд синоќа против Портланд постигна 15 поени во последните 10 минути, од кои и пресудните погодоци во финишот. На крајот имаше 32 поени (13-26 од игра), 4 скокови и 6 асистенции. Голема поддршка Вејд имаше и во Словенецот Горан Драгиќ, кој додаде 20 поени и 11 асистенции.

Портланд Трејблејзерс залудно го имаа „полудениот“ ЛаМаркус Олдриџ кој даде 34 поени со дури 12 скокови. Демјан Лилард броеше до 17 поени.

Сан Антонио конечно му даде причина за задоволство на Грег Попович, кој беше исклучително бесен после поразот на Спарси од Њујорк. Актуелниот шампион го совлада Милвоки 114:103, а прв стрелец беше Дени Грин со 20 поени, 8 скокови и 4 асистенции. Тим Данкан даде 19 поени, зачинети со 5 скокови и 7 асистенции. Одличен беше и Борис Диао со 18 поени, 6 скокови и 5 асистенции.

Гркот со нигериско потекло, Јанис Адетокумбо постигна 19 поени со 9 скокови за Милвоки, за кој уште и Ерсан Иљасова даде 17 поен.

Чикаго славеше против Индијана 103:86, а со одлични партии за Биковите продолжи Никола Миротиќ. Црногорецот со шпанско државјанство синоќа на Индијана ѝ уфрли 25 поени (8-15 од игра) со 9 скокови и 2 асистенции. Него го следеа Данливи со 21 поен и Пау Гасол со 19 поени и дури 12 скокови. Соломон Хил со 13 поени и 6 скокови се истакна кај Индијана.

РЕЗУЛТАТИ:
Голден стејт – Атланта 114-95
Јута – Вашингтон 84-88
Сакраменто – ЛА Клиперс 105-116
Мајами – Портланд 108-104
Торонто – Минесота 105-100
Милвоки – Сан Антонио 103-114
Чикаго – Индијана 103-96
Далас – Орландо 107-102
Оклахома – Бостон 122-118
Кливленд – Бруклин 117-92
Филаделфија – Детроит 94-83