Тони Кукоч во 1991 имал поголема плата во Италија од Џордан во НБА

Двајца кошаркарски тешкаши, кои во 90-те одбележаа една незаборавна и неповторлива ера во Чикаго Булс, а денес пријатели кои заедно играат голф.

Налетавме на интересна компарација од едно златно кошаркарско време, посебно за поранешните југословенски простори, каде царуваа други ликови кои и ден денеска често ги зборуваме.

Таа вели вака: Тони Кукоч во 1991-ва година, добил побогат договор во Бенетон Тревизо, од Мајкл Џордан истата година во Чикаго Булс. Кукоч имал годишна плата од 4 милиони долари по сезона, а Џордан 3,2 милиони.

За тоа време тоа биле многу пари, посебно за европската кошарка, но во Италија сепак дошла голема ѕвезда која до својата 23-та година од животот, веќе имала преполн багаж со трофеи кои други ни на сон не може да си ги замислат.

Кукоч со Југопластика освои две тројни круни (титула, Куп и Евролига) и тоа две сезони по ред. Инаку зборуваме за четирикратен првак на Југославија, трикратен првак на Европа и трикратен освојувач на МВП наградата во Фајнл Фор.

Паралелно со тоа и двократен европски и светски првак со Југославија. МВП наградата ја освоил и на ЕП 1990 и на СП 1991. Згора на тоа е и младински европски и светски првак.

Зарем може некој повеќе од ова?

Останатото е историја. По двете сезони во Италија, Кукоч продолжи со блескавата кариера во НБА каде играше од 1993 па се до пензија 2006-та.

Веднаш стана важна алка во бандата на Фил Џексон и со Џордан, Пипен и Родман се радуваше на три шампионски прстени по ред.

Не застана ниту со репрезентативните успеси. По распадот на Југославија освои уште три медали со Хрватска: сребро на Олимписките игри 1992 и две бронзи на СП 1994 на ЕП 1995.

Кукоч за Јокиќ: Ниту е скокач, ниту брз, но со неговата интелигенција е две секунди пред сите

22 април 2025 - 15:04