Стотката на Чембрлен инспирира и по 50 години

Веќе 50 години една бројка стои како Монт Еверест помеѓу магичните спортски рекорди. На денешен ден во 1962-та година Вилт Чембрлен постигна 100 поени на еден натпревар.

На 25 години, Чембрлен веќе имаше изградено голема кариера. 216 сантиметри високиот и 125 килограми тешкиот член на Филаделфија Вориорс го држеше рекордот од 78 поени на натпревар по три продолженија и 73 поени во регуларен дел од натпреварот.

За жал таа вечер во Пенсилванија никој не го овековечи тој момент. Само 4.123 гледачи го проследија натпреварот, а ТВ куќите воопшто немале интерес да го снимат дуелот помеѓу Филаделфија и Њујорк од НБА лигата која во тој момент била трета лига по ранг во САД. Постои само аудио запис од последната четвртина која ја направил студент од својата студентска соба, снимајќи го радио извештајот.

На 2 март 1962-та година Вилт Чембрлен на натпреварот против Њујорк Никс постигна неверојатни 100 поени во победата на Филаделфија од 169:147. Таа сезона Чембрлен во просек постигнуваше по 50,4 поени по натпревар, а таа вечер успеа да стигне до 100 со реализација од 57%, а оствари и 25 скокови.

Ниту една ѕвезда од НБА лигата не успеа да се доближи до овој рекорд. Најблиску беше Коби Брајант од ЛА Лејкерс кој постигна 81, Дејвид Робинсон броеше до 71, а Мајкл Џордан не успеа да ја надмине границата од 69.

Во својата кариера Вилт Чембрлен настапуваше и за ЛА Лејкерс, а освен двете шампионски титули, тој го остави својот белег и со педесетина рекорди во НБА лигата.

Вилт Чембрлен почина на 12 октомври 1999-та година на 63 години.

2 март 2012 - 11:54