Србија-Шпанија и Словенија-Франција се вечерашните две средби од четвртфиналната фаза на Европското кошаркарско првенство во Словенија. Во арената „Стожице" во Љубљана нашиот северен сосед ќе се соочи со актуелниот европски шампион кој најмалку го посакуваа.
Шпанија иако е актуелен европски шампион го нема истиот силен состав како на минатиот Евробаскет во Литванија каде предводени од Пол Гасол и Хуан Карлос Наваро беа пресилни и ја елиминираа и нашата селекција во полуфиналето.
Србите како првопласирани во групата се надеваа дека за противник ќе го добијат италијанскиот состав кој ја порази Шпанија, но ова е можност за подмладената селекција на Србија да докаже дека и покрај недостигнот на искусни кошаркари може да излезе на крај со бранителот на титулата.
На втората пресметка Словенците ќе имаат тешка задача против актуелниот вицепрвак Франција кој предводен од НБА ѕвездата Тони Паркер повторно ќе бие битка да стигне до финалето.
Победниците од вечерашните дуели ќе го формираат првото полуфинале, а за утре за закажани останатите четврфинални двојки Хрватска – Украина и Италија – Литванија.