Арбитарот Родни Мот еднаш ги замразил Нагетс и засекогаш ќе ги мрази. Во спротивно нема како да се објасни неговото однесување на мечот ЛА Лејкерс - Денвер Нагетс: Родни како да реши сета своја злоба да ја истури врз гостинските играчи.
Во една борба под кошот, играчот на Лејкерс, Кајл Кузма ја бутна со сета сила ѕвездата на Нагетс Никола Јокиќ поради што Србинот падна на паркетот а судијата не досуди ништо. Во ист момент тренерот на Денвер Мајк Мелоун се затрча на сред паркет кон судијата и жустро му се внесе во лице поради тенденциозното судење.
За ваквото однесување Мелоун заслужено доби исклучување од Родни Мот. Да завршеше тука ќе беше океј, но Родни реши да продолжи: го исклучи и Јокиќ.
По сите правила однесувањето на Србинот заслужи технички фаул но не и сурово исклучување до крајот од мечот.
После тоа откако продолжи дуелот Родни Мот уште не се успокои. После само пет секунди Џамал Мареј направил фаул (прекршокот го досуди другиот судија) после што кошаркарот само одмавнал со рака. Родни Мот бил тука до него и брзински му залепил техничка на Мареј.
Во тој момент Денвер Нагетс заостануваше 20 поени, а накрај поради повреда останаа и без Пол Милсап. Кога се вратија во игра без тренерот и двајцата најдобри играчи, не можеа до крај да направат пресврт и изгубија 127:109.
Страницата на Родни Мот на Википедија веднаш била едитирана од фановите на Денвер а во меѓувреме се појави и петиција со барање импулсивниот судија да не суди веќе во лигата.
На самиот меч најдобриот играч на Лејкерс Лонзо Бол го оствари својот втор трипл-дабл во кариерата. А судијата Родни Мот пред две недели го исклучи Кармело Ентони од натпреварот поради тоа што му противречел. Од управата на лигата го суспендираа тренерот Мелоун на еден натпревар кој веќе го одработи против Сакраменто кога Денвер од клупата до победа го водеше асистентот Вес Анселд.