Што се случуваше на НБА Ол Старот

Во новиот формат на мечот на сите ѕвезди, тимот на Леброн го победи тимот на Стеф со 148:145 (31:42, 45:36, 33:34, 39:33). Статистиката во шутот за три поени зборува доволно за циркусот од кошарка синоќа: Team Stephen 17/65 Team Lebron 19/58.

Ако досега вообичаено се распределуваше по конференции, на 67. издание на Ол-старот Леброн Џејмс и Стеф Кари како кошаркари со најголем број гласови добија можност да ги селектираат на некој начин своите екипи во групи од осум стартери и 14 резерви. Немаше веќе географски избор, па се случи еден против друг да заиграат соиграчите Кари, Томпсон, Драјмонд Грин против Дурент.

Гледачите во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес уште од стартот на мечот уживаа во шутерското шоу но и во невообичаени одбрани па така на пример сите се чудеа кога Расел Вестбрук му се исправи на Јанис Адетокумбо а потоа Џоел Ембид му залепи банана на Расел.

Тимот на Леброн го предводеше Двејн Кејси (тренер на Торонто Репторс), а тимот на Кари од клупата го насочуваше Мајк Д’Антони. Леброн Џејмс а општо и целата публика и сите вљубеници во овој настан немаа баш среќа зошто четири Супер ѕвезди на неколку недели пред Ол Старот мораа да го откажат настапот поради повреди (Казинс, Порзингис, Вол и Лав), па комесарот Адам Силвер ги одреди нивните алтернативи.

Составот на Кари водеше во текот на целиот меч а по одличната серија погодоци на Демиан Лилард се одлепија на 133:120 на осум минути пред крајот.

Леброн и екипата се собраа и на една минута пред крај го израмнија резултатот 144:144. Во последните моменти од средбата екипата на Џејмс одигра подобро во одбрана, а на другата страна Расел Вестбрук и токму Леброн го поставија конечниот резултат.

МВП трофејот му припадна на Леброн Џејмс кој уфрли 29 поени, имаше 10 скокови и 8 асистенции. Беше прв стрелец во својот тим. 

Кевин Дурент уфрли 19 поени, Пол Џорџ 16, Андре Драмонд 14, Кајри Ирвинг 13 (9 асистенции и 7 скока), Ентони Дејвис 12, Кемба Вокер и Расел Вестбрук по 11.

Во тимот на Стеф Кари, Демар Дерозан и Лилард постигнаа по 21 поен, 19 запиша Џоел Ембид со осум скокови, а Карл-Ентони Таунс имаше дабл-дабл учинок со 17 поени и 10 скока. Гркот со нигерско потекло Јанис Адетокумбо даде 16 поени, Клеј Томпсон 15, Џејмс Харден 12 со 8 асистенции и 7 скока.

Лидерот Стеф Кари постигна 11 поени (само 3 тројки од 13 обиди), шест скока и пет асистенции.

Најголемиот на сите времиња

Леброн се поздравува со Арнолд Шварценегер

Ферги пееше на полувремето

Легендарните Карим Абдул-Џабар, Џери Вест и Бил Расел

 

19 февруари 2018 - 10:33