Се продава малку користена кошаркарска сала

Организаторите на Олимписките игри во Лондон целосно ја расклопија и ја огласија за продажба арената која се користеше за кошаркарските натпревари за време на Олимпијадата и Параолимпијадата.

Домаќините на Олимпијадата потрошија 69 милиони евра за изградба на кошаркарската арена која ја користеа ова лето и сега се надеваат дека ќе си вратат дел од парите. Арената се користеше за кошаркарските натпревари на Олимпијадата и Параолимпијадата, како и рагби во инвалидски колички.

Арената е долга 115 метри и висока 35 метри и е најголема привремена градба која се користеше на Олимписките игри во Лондон. Освен кошаркарската арена, Англичаните ќе ги расклопат и салите за ватерполо и хокеј.

Кошаркарската арена имаше 12.000 седишта од кои 7.000 веќе се продадени, 3.000 ќе бидат поставени во други сали, а 2.000 седишта ќе се рентаат.

Англичаните се надеваа дека ќе им ја продадат кошаркарската сала на организаторите на Олимписките игри кои ќе се одржат во Рио во 2016-та година, но оваа зделка пропадна. Сега тие преговараат со потенцијални купувачи од Кина, Русија и Блискиот Исток. Купувачот може да избере дали ќе ја купи само внатрешноста или целата градба заедно со надворешниот дел од челик.

На ова место ќе бидат подигнати згради со вкупно 850 станови.

21 јануари 2013 - 11:12