Езерџиите лани играа слабо, а сезонава уште послабо и имаат учинок од пет победи и 13 порази. Сепак и во таква ситуација, Коби Брајант е најсветла точка во екипата. Коби во моментов е најдобар стрелец во НБА сезонава, со просек од 25,8 поени по натпревар.
„Единствено што работам со Коби е неговата минутажа, затоа што внимавам да не се префорсира“, изјави Бајрон Скот.
Против Детроит во вторникот, Коби играше 33 минути, колку што е неговиот просек годинава, а синоќа во престолнината, против Вашингтон одигра 34 минути и постигна 29 коша. Тоа не беше доволно Лејкерс да избегнат нов, 13-ти пораз од почетокот на сезонава.
По завршувањето на актуелната сезона, Коби има уште една година од договорот со Лејкерс, но тренерот Скот вели дека управата веќе работи на понудата за нов договор.
„Ќе разговараме околу тоа. Коби има уште многу нешта да понуди и ако може да склопите нешто што ќе го возбуди, тогаш мислам дека се добри шансите да остане уште една година повеќе“, констатираше Скот, кој со Коби се познава уште од пред 19 години.
Бајрон Скот во 1996. година ја играше последната сезона во Лејкерс, а Коби тогаш дојде во Лос Анџелес. По вчерашниот пораз од Вашингтон, Коби во свој стил прокоментира за евентуален нов договор.
„Ако сакам да играм, ќе играм и гледам сам да ги носам одлуките. Ако не сакам да играм, нема да играм. Тоа е тоа“, чудно изреагира Коби на прашањето за останување во Лејкерс.
Лејкерси во петок играат против Бостон Селтикс.