Втората финална пресметка помеѓу градските ривали ни донесе многу понеизвесна и повозбудлива кошарка со многу пресврти. По водството на Работнички од 6:10, кошаркарите на МЗТ го свртија мечот во своја полза и по првите 10 минути водеа со 22:19.
Вториот период мина целосно во знакот на македонскиот шампион кој и покрај тоа што губеше на почетокот минимално, брзо стигна до пресврт. Тимот од Аеродром беше доминантен, особено под кошевите каде оствари повеќе офанзивни скокови.
Тимот на Мартич постепено го зголемуваше водството и на нешто повеќе од две минути до крајот на полвуремето стигна до првата двоцифрена предност. Работнички беше немоќен во играта под кошевите и на полувреме резултатот изнесуваше 31:45.
Но тимот од Градски парк не се предаде и одигра перфектни 5 минути во третата четвртина во кои го изненади големиот ривал кој беше во конфузија. Перфектната серија поради која натпреварот заличи на супер интересно финале изнесуваше 20:5 за Работнички со кое се врати во водство од 51:50.
Тројките на Симоновски и Стојановски во последните мигови од третиот период беа само најава за одлучивачките последни 10 минути во кои се влезе со резултат 65:65. Ревијата на тројки беше поголема во последната четвртина. Кошаркарите на Работнички постигнаа две во низа и поведоа со 65:71.
Од линијата за три поени погодија и Мираковски и Икониќ, а во ист стил одговори само Дамјан Стојановски. Тимот на Рајковиќ успеа да стигне до најголемо водство +9, кое го повтори и на нешто повеќе од 2 минути до крајот.
МЗТ немаше одговор во последната четвртина во која не најде лек за извонредниот шут на противникот кој на крајот славеше со 89:83.
Најдобар стрелец во победчкиот табор беше Дарко Соколов со 21 поен, а исто толку кошеви кај МЗТ постигна и Дамјан Стојановски.
Третата пресметка е закажана за во недела.