Стартот на мечот покажа дека Македонија нема сили да и се спротистави на Летонија, да ја порази со двоцифрена предност и да се пласира во втората групна фаза. По нешто повеќе од 3 минути игра имаше катастрофални 12:0 негатива кои не ветуваа добар натпревар за нашите кошаркари.
Летонците тоа одлично го искоритија во текот на првата четвртина и остварија водство од 29:17. Составот на Пипан продолжи со тешкотиите во играта и во вториот период. Освен 12-те коша на капитенот Антиќ, сите останати кошаркари потфрлија и со играта и со реализацијата. На полувреме беше 49:36.
Кошаркарите на Летонија продолжија да доминираат и во второто полувреме кога по 3 минути игра ја направија најголемата предност од 20 коша разлика. Браќата Стојановски немаа ниту еден поен до тој момент, а не беше во елемент ниту Бо Мекејлеб.
Нашите играчи конечно заиграа поагресивно во одбраната и ги сопреа налетите на Летонците. Важни поени во тој период постигна Владимир Брчков кој доби поголема минутажа од селекторот Пипан и на крајот од третата четвртина предноста на противникот ја стопивме на 60:50.
Тоа се разбира дека не беше доволно затоа што токму нам ни требаше водство, односно триумф од 10 поени разлика. Македонските кошаркари беа под нивото во сите сегменти од играта, слично како вчера против БиХ. Конечниот резултат беше 76:66.
Литванија 2011 и фантастичното четврто место ќе остане само една убава бајка која ќе ја паметиме и ќе ја раскажуваме. Оваа генерација на искусни и повозрасни кошаркари не беа ни блиску до тој пристап и таа борбена игра како на минатото првенство и не успеаа по втор пат да ја подигнат цела нација на нозе.