По завршувањето на тренингот синоќа, на Василов му се слошило и покрај сите обиди да биде спасен, тој починал. Неофицијално се работи за срцев удар.
Драган Василов попознат како Цевка повеќе од 30 години работеше со млади талентирани кошаркари. Речиси и да нема познат македонски кошаркар, повозрасен или помлад кој не поминал низ негови раце. Од Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски, Емил Рајковиќ, Предраг Самарџиски, Димитар Мираковски, Александар Јовчевски, Димитар Мираковски, Златко Гоцевски и многу други репрезентативци.
Василов во 1999-та година ја предводеше и кадетската репрезентација на Македонија која заврши 6-та на Европско во Словенија што е најдобар пласман на една македонска младинска репрезентација.
Цевка брусеше дијаманти во Работнички, а подоцна и во Торус СЦБТ, Партизан Водно Санс, Јуниор и Феникс 2010.
Тој беше и актуелен претседател на Тренерската комисија при КФМ и еден од идејните творци на младинскиот камп кој се одржуваше во Маврово во органзација на КФМ и ФИБА.