Остануваме со слатката радост од Литванија и тројката на Илиевски

Македонската кошаркарска репрезентација го заокружи петтиот Евробаскет во својата историја. Конечниот пласман во Хрватска не е прв со ваков очаен крај. Исто беше и во Словенија и Полска.

Фото. Спортмедиа

Со победа против Холандија и пораз од Грција, Хрватска, Грузија и Словенија, македонската кошаркарска репрезентација го заврши Европското првенство кое за прв пат се одигра во четири земји, Хрватска, Франција, Германија и Латвија.

Скорот од една победа и четири порази не е ништо ново за нашата селекција која на таков начин си замина и од Европското во Словенија пред две години. Тогаш ја победивме само Србија, а загубивме од Латвија, Литванија, Бих и Црна Гора.

Идентична беше сликата и на ЕП Полска 2009. На тоа Европско порази наредивме од Франција, Русија, Грција и Хрватска, а се радувавме само против Германија.

Деби настапот на Еврошампионатите Македонија го имаше во 1999 година, а тоа беше и првата и вкупно четврта елиминација во првата фаза. Не победивме ниту една од селекциите на Југославија, Франција и Израел.

Единственото Европско на кое може да се гордееме е она во Литванија и историскиот пласман во полуфиналето. Еден од најзаслужните за тоа беше Владо Илиевски кој со тројка во финишот го урна домаќинот во четвртфиналето.

Тој беше најдобар и најборбен поединец и на ова првенство на кое со 35 години направи кам бек во репрезентација и покажа како се остава срце на терен. Му честитаме за залагањето и храброста и ве потсетуваме на мигот со кој пред четири години ја крена Македонија на нозе. Гранде Владо.

10 септември 2015 - 17:44