Ветеранот Коби е најдобар стрелец во историјата на Плејоф натпреварите со 280 поени, а 18 пати публиката го одбираше за Ол Стар со што е на второто место зад Карим Абдул-Џабар со 19. Коби Брајант ја игра 20-та сезона по ред во НБА, а по завршувањето на тековната сезона ќе стави крај на кариерата. Три пати не учествуваше на мечот на сите ѕвезди поради повреда.
1997. година
Коби Брајант со само 18 години се појави на Викендот и победи во натпреварот на атрактивни забивања:
1998. година
Брајант стана најмладиот играч во стартна петорка на Ол Стар во историјата на НБА. За првпат после 1983-та година, во '98-ма една екипа на Ол Старот ја претставуваа четворица играчи од иста франшиза - Од Лејкерс Шекил О'Нил, Ник Ван Ексел, Коби Брајант и Еди Џонс.
За Коби ова беше посебен ден затоа што играше против неговиот кошаркарски татко Мајкл Џордан. Иако Западот загуби, Коби одигра одлично и постигна 16 поени со 6 скокови. Но овој меч се памети и по испадот на Коби кон Карл Мелоун, кога му кажал: „Излези од под прстенот и направи место да поминам“. После ова Мелоун побарал замена, и до ден денес се во лоши односи со Брајант.
2002. година
Во летото 2001-ва, за време на финалето против Филаделфија, Коби Брајант изјави: „Сакам да им ги извадам срцата". Навивачите никогаш не му го заборавија тоа и на следниот Ол Стар кој се играше во Филаделфија го исвиркуваа на секој контакт со топката. Тоа го мотивираше Брајант кој даде 31 поен, 5 скока, 5 асистенции и беше најзаслужен за победата на Западот.
Првпат ја доби МВП наградата, но кога го прими трофејот на средината од теренот цела сала го исвирка.
2003. година
На мечот на сите ѕвезди, Коби како его-манијак не играше воопшто одбрана и беше во состојба да ја земе топката и од мало девојче во публиката.
Овој Ол Стар беше последен во кариерата на Мајкл Џордан, а Коби како да сакаше да се докажува и мечот го почна многу нервозно и лошо со 7 промашувања по ред.
Сценариото што следуваше: На три секунди пред крајот Џордан во свој стил го издрибла Шон Мерион и со скок шут му донесе предност од два поени на Истокот во продолженијата. Во следниот напад, Џермејн О'Онил направи многу глупав фаул при шутот на Коби за три поени, со што му овозможи на Брајант да изведе три слободни фрлања. Коби погоди две и мечот отиде во ново продолжение после кое славеше Истокот.
МВП тогаш беше Кевин Гарнет со 37 поени и 9 скока.
2007. година
Во 2007-ма Коби Брајант загуби на натпреварот по најдобри вештини од Двејн Вејд, но на главниот Ол Стар меч по втор пат стана МВП. Даде 31 поен, со по 6 асистенции и скокови. Западот тогаш победи.
2008. година
Според правилата на НБА, во случај играчот да го одиграл последниот меч за својот тим пред паузата за Ол Стар, тој е должен да се појави на Ол Старот. Коби настапи и покрај повредата на тетивата.
Излезе на паркетот и играше три минути.
2009. година
Еден од најважните моменти во кариерата на Коби Брајант. По драматичната епизода со разводот и смирувањето со сопругата, Коби се враќаше во форма.
Коби и Шек играа маестрален Ол Стар натпревар и на крајот го поделија МВП-то, награда која им припадна на двајцата. Брајант постигна 27 поени, 4 скока и 4 асистенции. А Шек уфрли 17 поени, 5 скока и 3 асистенции за 11 минути на паркетот.
2011. година
Ол-Старот се одржа во Лос Анџелес, што значеше дека никој друг нема шанса. Брајант доминираше во целост:; 37 поени, 14 скокови и 3 украдени топки. Ја доби четвртата МВП награда на Ол-Старот со што се израмни со Боб Петит.
2012. година
Ако некој може да игра со скршен нос без маска за заштита, тоа е Коби Брајант. При еден дуел Двејн Вејд ненамерно го удри по носот, му го раскрвари, но Коби продолжи да игра. На крајот постигна 27 поени што му беше доволно да го престигне рекордот на Џордан по бројот на уфрлени поени во историјата на Ол Стар.
Овој меч го одбележи и неверојатната одбрана на Коби против Леброн Џејмс кој не успеа да шутира за три во последниот напад.
2013. година
Кога веќе стана јасно дека Лејкерс тонат сè подлабоко и дека наскоро ги очекува смена на генерација, Коби Брајант и натаму беше најпопуларен играч во лигата според гласовите на навивачите. Целиот гнев од слабите резултати на Лејкерс Коби го искали на Ол Старот каде победи Западот а Брајант не му даде на Леброн да дише.