Детроит од првата позиција на драфтот 2021 го одбраа ултра талентираниот Кејд Канингем (19) кој претстојнава сезона ќе го гледаме во дресот на Пистонс.
Канингем доаѓа од Универзитетот Оклахома Стејт за чија кошаркарска екипа во просек давал по 20,1 кош, 6,2 скока, 3,5 асистенции и 1,6 украдени топки. Во 2019-та беше член и на репрезентацијата на Америка У-19 која стана светски шампион.
Детроит лани беше најочајна екипа во НБА лигата со учинок од 20 победи и 52 порази, а право на прв пик стекнаа на 22 јуни. Последен пат го бирале првиот избор на драфтот во далечната 1970-та кога го избрале Боб Ланиер кој во 1992-ра влезе во Куќата на Славните во Спрингфилд.
Вториот пик на драфтот Џејлин Грин оди во Хјустон Рокитс. Грин важи за играч со најдобри атлетски способности од сите конкуренти на драфтот.
Кливленд Кавалирс го избраа третиот пик на драфтот Еван Мобли.
Торонто Репторс се реши за четвртиот пик Скоти Барнс кој се смета за еден од подобрите асистенти меѓу сите пикови на драфтот.
Супер вечер имаше и Орландо Меџик кој го доби фантастичниот Џејлин Сагс, плејмејкер кој има капацитет да стане носител на играта на „магичните“ следнава сезона. Тој беше петти пик на драфтот.
Од шеста позиција бираше Оклахома Сити Тандер која го избра Џош Гиди, плеј кој има одлични додавачки предиспозиции а маана му е нешто послабиот шут. Како седми пик на драфтот Џонатан Кумнг, силниот и брз дриблер оди во Голден Стејт Вориорс. Како осми пик во Орландо Меџик ќе оди Франц Вагнер, крило од Германија. Деветти пик беше Девион Мичел за кого „кладба“ ставија Сакраменто Кингс а Топ10 на драфтот се комплетираше со Зиаре Вилијамс кој ќе игра за Њу Орлеанс Пеликанс.
Што се однесува до регионов, Србија на драфтот имаше тројца претставници. Центарот на Мега Баскет Филип Петрушев како 50-ти пик оди во Филаделфија 76ерс (преку Њујорк Никс), а Балша Копривица оди во Шарлот Хорнетс преку Универзитетот Флорида Стејт. Останатите земји од Балканот немаа свои претставници на НБА драфтот.
ТРАНСФЕР НА ЛЕТОТО - ВЕСТБРУК ВО ЛЕЈКЕРС
Веднаш по отворањето на трансфер преодниот рок во НБА, Расел Вестбрук премина во ЛА Лејкерс. Вашингтон Визрадс за него ќе ги добијат Кајл Кузма, Монтрез Харел и Кентавиус Колдвел-Поуп.