Од баскет и борба со СИДА до здрав мултимилионер - Меџик Џонсон

30 години од првата титула со Лејкерс и 24 години од јавната објава дека боледува од СИДА, денес поранешната НБА ѕвезда е претприемач со енормен успех кој учествува и во политичкиот живот на САД.

Успешен на паркетот, успешен и на работната маса. Ирвин Меџик Џонсон пред 30 години против Бостон Селтикс ја освои првата од петте титули во НБА со ЛА Лејкерс кога се роди и најголемото ривалство со Лери Бирд.
 
Денес Меџик Џонсон има 55 години, ги гледа натпреварите од најскапите места во салите кои се предвидени за актери, музичари, политичари. Како икона на глобалната кошарка, Меџик Џонсон некогаш собираше поени, асистенции и скокови а денес како претприемач собира вагони со долари и совети од најголемите корпорации во САД.
 
Пред неколку дена, Меџик Џонсон влегол во бордот на Сквер (Square), симболот за финансиски услуги, основан од Џек Дорси, основачот на Твитер. Во Беверли Хилс е седиштето на Меџик Џонсон Ентерпрајс компанија која има акции во Бургер Кинг, Loews, Старбакс, како и во некои кина и театри.
 

Во светот на спортот, компанијата на Меџик има голем удел и во бејзбол клубот Лос Анџелес Доџерс, во женскиот кошаркарски клуб Лос Анџелес Спаркс, како и во ФК Лос Анџелес кој ќе почне да се натпреварува во МЛС лигата веќе од 2018. година. Кај неговите Лејкерси, кои го повлекоа бројот 32 во чест на Џонсон, славниот кошаркар има 5% од акциите.
 
Сепак, не беше сè така розево пред 24 години, кога во ноември 1991. година ја шокираше јавноста со признанието дека е ХИВ-позитивен. На 24. октомври истата година, лекарот на Лејкерс Мајкл Мелман прв дознал за резултатите од дијагнозата која открила дека Меџик Џонсон е ХИВ позитивен. Во тие моменти, Лејкерс играл пријателска против Јута Џез во Солт Лејк Сити, поради што Мелман следниот ден му ја соопштил веста на Меџик Џонсон. 206 см високиот плејмејкер призна за СИДА-та само 2 недели по смртта на Фреди Меркури, кој почина од истата болест.
 
Но Меџик никогаш не падна, дури и кога многумина го обвинуваа за начинот на живот и покажувале со прст во него. Само неколку месеци подоцна, Меџик добил дозвола од лекарите да настапи на ЛОИ 1992 во Барселона каде го освои златото со Дрим Тимот. Вкупно пет пати беше биран за најдобар играч во НБА и член е на Куќата на славните.
 
Меџик низ животот често држел предавања по американските училишта, каде зборувал дека секој може да успее, без разлика од каде доаѓа. Како што тој успеа, иако потекнува од малото и сиромашно место Лансинг во Мичиген, каде татко му бил автомеханичар но тоа не му сметало на Меџик да стане еден од најдобрите светски кошаркари во историјата.