По најнеуспешната сезона во клупската историја, кога остана без ниту еден трофеј и не играше во Европа, кошаркарскиот клуб Партизан летово доживеа неколку драстични промени. Од позицијата претседател се повлече Предраг Даниловиќ, чијшто потег го следеа и неколку членови на управниот одбор на белградскиот клуб.
Како што пишува Новости, еден од најдобрите кошаркари на Минесота Тимбервулфс, Никола Пековиќ го прифатил предизвикот да стане претседател на Партизан. Оваа вест би требало да ги израдува навивачите, затоа што Пековиќ е човекот кој многу пати го помогнал поранешниот клуб и не би имал никаков проблем да ги покрие финансиските дупки (клубот има долг од околу 5 милиони евра).
Во ситуација кога од тимот оправдано заминаа сите познати кошаркари поради неисполнети обврски на Партизан кон нив, во тимот останаа најмладите кошаркари кои најверојатно ќе треба да го изнесат поголемиот дел од товарот.
Пековиќ е поранешен играч на "црно-белите" и тоа од периодот од 2005 до 2008 година, а кратко го носеше дресот на Партизан во 2011 година, за време на НБА локаутот.
И покрај тоа што се шпекулираше дека претседателот на турскиот Фенербахче бил заинтересиран да вложи во Партизан и да го крене на нозе, демант стигна од тренерот на тој клуб Жељко Обрадовиќ кој за Данас изјави дека нема никаква вистина во тоа.