Христо Ѓорѓевски Рики без точка и со по некоја запирка тогаш три часа ни раскажуваше за историјата на Работнички. За времето кога биле удрени темелите на клубот кој како тренер ги удрил Лазар Лечиќ, а Рики бил во првата петорка од оформувањето заедно со Књазев, Савовиќ, Ѓоргиев и Луковски.
Потоа им се приклучил и Благоја Георгиевски – Буштур кој цела кариера му ја посвети на тимот од Градски парк (1968-1984).
Рики ја има сторијата токму со деби настапот на Буштур кој бил херој уште и тоа против Олимпија каде играл легендарниот Иво Данеу. Работнички водел 25 разлика на полувреме, но барале да им го одложат бидејќи претходно од гостување се вратиле сите дома болни.
Словенците во второ израмниле, но потоа на терен се појавил Буштур кој бил спасител и покрај тоа што не верувале во него.
„Требаше да играме со Олимпија за која играше Иво Данеу. Тој меч беше важен од друг аспект, а тоа беше појавата на Георгиевски – Буштур. Загубивме од Југопластика со мала разлика од 6 или 8 поени, а кога се вративме дома цела петорка бевме болни. Баравме и тој меч да ни го одложат, но пак ништо. Во прво полувреме беше 50:25 за нас, а игравме во салата во Чаир. Во второ полувреме влезе да им игра сосема друга петорка и на 6 секунди до крај Иво Данеу израмни со хорок за 75:75. Во второ беше обратно, тие дадоа 50 поени, а ние 25. Кога видов дека израмнија, се качив на даските кои се залепени на ѕид и главата ја удирав од нив. Еден од полицајците ја извади капата и ја стави за да удирам во капата“, раскажа Ѓорѓевски за Офф.нет.
„На крај немаше кој да игра и влезе Буштур како 12-ти играч. Лечиќ претходно го бркаше и велеше дека такви како него има 100 во Македонија. Еден па му вика: `Абе го гледам таму игра по бандери и ги тепа еден на еден, еден на два, еден на три. Никој не може да го чува на баскет`. Лечиќ го стави, и Буштур даде 14 коша и тепавме. Следната недела играме во Задар и Лечиќ му вика: `Играш во прва петорка и најдобриот нивни играч Ѓевѓа да не ти пројде центар. И стварно не му даваше да пројде центар, штом пројде Буштур го фаулираше“.
Кошаркарите на Работнички во 1976-та година завршиле четврти во Европа, но можеле да стигнат и во финале ако не биле измамени во Италија. Буштур горел од температура.
„Најголемите успеси на Работнички беа кога се вратив кај нив во 1975-та. Стигнавме до полуфинале на Европскиот Куп и игравме против Цинцана од Милано. Таму изгубивме 24 разлика, а кај нас ги тепавме 19. Тогаш ја тепавме ЦСКА Москва, Олимпијакос и една француска екипа. Инаку во Милано нè наместија, ни дадоа некоја лоша храна и скоро сите качивме висока температура. Буштур играше со 40 температура, а ја добивме на 2-3 часа пред утакмица. Куп Радивој Корач се викаше тогаш европскиот Куп, во чест на Корач кој загина во сообраќајна несреќа. Тој имаше на еден натпревар постигнато 99 коша против Шведска, рекорд во Европа“.
Во тоа време научиле да играат пресинг.
„Пресвртница во играта на Работнички беше после припремите во Бадија, Хрватска 1969-та кога бевме први што почнавме да играме пресинг низ цел терен и правевме големи пресврти во резултати од -15 до +15, +20. За таа игра се бараше снага, брзина, спремност, но и лукавост за да сечеш топки и дел од нашите играчи беа такви, брзи и ниски. За тоа беше најзаслужен Алекс, роден во Војводина кој живееше во САД. Тогаш прв пат слушнавме за играта пресинг, која ни ја покажа во Бадија“.
Успесите на Благоја Георгиевски – Буштур кој синоќа загина во сообраќајна несреќа:
- Полуфинале во Купот на победниците на куповите во 1976 година, кој во тоа време го носел името „Куп Радивој Корач“ во чест на југословенската легенда која загинала на 30 години во сообраќајка.
- Единствен македонски кошаркар кој заиграл на големи натпреварувања со Југославија.
- Сребрен медал на Европското првенство во 1971-ва во Западна Германија.
- Сребен медал на Олимписките игри во 1976-та во Монтреал, што е најголем успех во историјата на еден македонски кошаркар.
- Балканска шампионска титула и полуфинале на Европско првенство и двете како член на младинската репрезентација на Југославија на која селектор бил Лазар Лечиќ.
По завршувањето на кариерата Буштур остана во спортот. Беше селектор на Македонија, Член на Управен одбор на КФМ и на Собранието на Македонскиот олимписки комитет, како и Член на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет од 1997 година.
Фотографијата со Антиќ е преземена од basketball.mk
Легендарните приказни на соиграчот на Буштур.