Журка на „детелините“, Бостон Селтикс со голем пресврт до стартен брејк со Голден Стејт

Кошаркарите на Бостон Селтикс го совладаа Голден Стејт Вориорс на гости со 120-108 во првиот меч од големото НБА финале. Феноменален дуел кој најавува пеколна серија.

И покрај тоа што Голден Стејт Вориорс во НБА финалето влезе поодморен поради тоа што порано заврши работа во полуфинале, „детелините“ покажаа страшен победнички менталитет кој ги краси од плејофот.

Стартот на мечот најавуваше очекувана доминација на Вориорс. Стеф Кари правеше шоу и во првите 12 минути постигна 21 поен од кои дури 6 тројки!

Голден Стејт во финалето во Сан Франциско пред своја публика влезе неприкосновено со 9-0 учинок во плејофот. Без ниту еден пораз на домашен паркет.

Голден Стејт имаше предност во текот на целиот прв дел, во еден момент и 10+ позитива. Но Бостон, како и многупати во плејофот претходно, се вратија во игра и поведоа на полувреме 56:54.

Во третиот период, фамозната машина од Сан Франциско реши да го покаже целиот арсенал со кој располага и се одлепи на 15 поени, па водеше 12+ и тоа беше најава за уште пожестока последна четвртина.

Невозможниот Џејлен Браун и Ал Хорфорд го водеа Бостон до целосен пресврт. Прво израмнија, па Хорфорд со две тројки по ред го однесе својот состав на +6. Голден Стејт немаше никаков одговор на феноменалната партија и Селтикс заслужено однесоа брејк од првиот меч на гостински терен.

Интересно јунакот Хорфорд игра прво финале во кариерата после цели 15 години НБА кариера.

Најефиксен беше Ал Хорфорд со 26 поени, 6 скока и 3 асистенции. Џејлен Браун додаде 25 поени со 7 скока и 5 асистенции. Огромни заслуги во триумфот на Бостон имаат уште и Пејтон Причард со 21 поен, Маркус Смарт со 18 и Џејсон Тејтум со 12 поени и 13 асистенции.

Кај „воините“ Стеф Кари беше водечки лидер со 34 поени, 5 скока и 5 асистенции (12/25 за два, 7/14 за три, 3/4 од слободни фрлања за 38 минути), Ендрју Вигинс запиша 20 а Клеј Томпсон 15. Следниот меч се игра на исто место, Голден Стејт е домаќин во ноќта меѓу недела и понеделник.

3 јуни 2022 - 08:49