МЗТ Скопје ќе игра во Еврокуп против Уникаха и Баерн Минхен

Актуелниот македонски првак и единствен претставник во Јадранската лига, МЗТ Скопје доби покана од раководните луѓе на Еврокупот за учество во ова елитно натпреварување.

Аеродромци целосно неочекувано го добија овој повик од второто по ранг европско натпреварување (како Лига Европа во фудбал), откако четирите најголеми италијански екипи се повлекоа од ова натпреварување за да учествуваат во новоформираната Лига на шампиони.
 
„Штрковите“ ќе го земат местото на Динамо Сасари кој беше во можеби најтешката група Ц од Еврокупот каде уште се: Уникаха Малага, Баерн Минхен, УЦАМ Мурсија, Зенит Санкт Петерсбург и Будуќност Воли Подгорица.

Веста ја потврди и официјалниот сајт на АБА лигата, а од клубот за Офф.нет.мк изјавија дека сите детали околу учеството во Европкуот на МЗТ Скопје ќе бидат објавени на утрешниот прес во 12:00 часот. Ова значи дека МЗТ Скопје во домашното првенство ќе се приклучи во втората фаза, затоа што паралелно ќе игра на два фронта, во АБА лигата и во Еврокупот.
 

Првото коло МЗТ Скопје ќе го игра на 12. октомври кога ќе гостуваат во Малага против ланскиот евролигаш Уникаха, а седум дена подоцна во „Јане Сандански" ќе гостува Зенит. Првите четири пласирани екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во Топ16 фазата од Еврокупот.

Ова сигурно е одлична вест за македонската кошарка, особено што МЗТ последен пат во ова натпреварување играше пред три сезони во групната фаза кога завршија последни со само еден триумф. Иста понуда како и МЗТ Скопје добила и осмопласираната екипа од лани во шпанското првенство, Фуенлабрада која без размислување прифатила да го игра овој куп.
 
Шпанците ќе играат во групата Д каде се уште Локомотив Кубан Краснодар, Валенсија, Унион Олимпија Љубљана, Хапоел Ерусалим и Ратиофарм Улм.