18-кратниот шампион на Хрватска му го нанесе шестиот пораз на МЗТ по десет одиграни кола во Јадранската лига и покрај тоа што македонскиот шампион имаше огромно водство и доминираше во текот на првото полувреме.
МЗТ тргна моќно уште од самиот почеток и со одлична одбрана и добар напад по првите десет минути имаше предност од високи +18 (28:10).
Цибона се врати во игра во втората четвртина, но сепак МЗТ одржа висока предност и на полувремето се замина со резултатот 49:35.
Хрватскиот шампион покажа дека има квалитетна и искусна екипа и во третата четвртина ја стопија негативата на 65:61.
По 33 минути игра, за прв пат на натпреварот Цибона успеа да дојде и до предност. Во овој период кошаркарите на МЗТ немаа одговор за Блесингејм кој ја одржуваше Цибона во водство.
Со тројката на Дејвис во последната минута МЗТ се доближи на 86:87, но немаше сили за целосен пресврт.
Џерел Блесингејм постигна фантастични 32 поени и ја предводеше Цибона до победата од 86:91. Дамјан Стојановски 20 поени и Гечевски со 17 поени беа најефикасни кај МЗТ.