Аеродромци без големи очекувања заминаа во Загреб, каде домашната Цибона и покрај финансиските проблеми и без плејот Блесингејм кој си замина од екипата, победи по шести пат сезонава во АБА лигата.
Во салата „Дражен Петровиќ“, Загрепчани поведоа 7:0 на стартот и покажаа дека се решени да стигнат до триумф кој ќе ги приближи до плејофот идната година. Предводени од центарот Јуре Лалиќ кој мечот го заврши со 20 поени, кошаркарите на Цибона имаа предност во текот на целиот натпревар.
МЗТ успеа да се врати на само 2 коша негатива на почетокот од вториот дел, но тоа беше се што сторија „штрковите“. Откако го оспоруваа на стартот на сезоната, Дион Диксон на последните два натпревари заигра според очекувањата, па после добрата партија против Карпош Соколи, Американецот и вечерва беше најдобар во скопскиот табор со 18 коша. Црногорецот Сеад Шеховиќ додаде 12 поени и 7 фатени топки. На крајот конечни 71:60 за Цибона, резултат по кој МЗТ Скопје остана меѓу 4. екипи со најлош учинок по првата полусезона во Јадранската лига.
Владо Илиевски играше 29 минути вечерва и постигна 5 поени во шестиот триумф на Цибона. МЗТ веќе во среда го очекува тешко гостување во Кавадарци, против Фени, во натпревар од домашното првенство (последно коло годинава). Што се однесува до Јадранската лига, МЗТ Скопје го очекуваат уште три кола, каде штрковите ќе се судрат со Црвена Звезда во Скопје на 22. декември , Мега Лекс во Скопје и Задар на гости пред Нова година.