Во полуфиналето на македонскиот кошаркарски куп ќе се сретнат МЗТ-Фени и Кожув-Куманово.
Навивачката група „Шверцери" од Чаир по подолго време реши да му даде поддршка на кошаркарскиот клуб Лирија и веднаш предизвика инцидент.
Навредите на национална основа кулминираа во втората четвртина кога официјалните лица побараа отстранување на двете навивачки групи. Во тој момент, на 5 минути до полувремето, Лирија имаше минимално водство од 32:31.
По скоро двочасовна пауза, навивачките групи беа отстранети од трибините, при што настрада и еден припадник на „Кумани".
Откако двете екипи се вратија на паркетот, на сцена стапи Димчевски кој во последните минути постигна 10 поени од вкупно 19 во првиот дел за водство на Куманово од 45:50 на полувремето.
Во второто полувреме Куманово ја одржуваше предноста и по третиот период водеше со 69:74.
Кошаркарите на Куманово во последната четвртина продолжија со подобрата реализација (13 реализирани тројки) и на крајот триумфираа со 89:103.
Најефикасни во победничкиот табор беа Костоски со 27 и Димчевски со 24 поени, а во екипата на Лирија се истакнаа Тасовски со 21 и Радуновиќ со 20 поени.
На првиот денешен четвртфинален натпревар, Кожув го победи Вардар со 80:67.
Тимот од Гевгелија не помина така лесно против младиот тим на Вардар и победата успеа да ја обезбеди во последната четвртина која ја доби со 10 поени разлика. Кожув водеше во текот на првата четвртина која ја доби со 24:19.
Кошаркарите на Вардар не се предадоа, а неизвеснота на натпреварот ја донесоа во вториот период кога успеаа да направат пресврт. На полувремето Вардарци заминаа со предност од 39:38.
Резултатот беше доста израмнет во третата четвртина кога ниту една од екипите не можеше да се одлепи резултатски. Кожув имаше водство од 55:52. Фаворитската улога гевгеличаните ја демонстрираа во последните 10 минути кога постојано ја зголемуваа предноста и го обезбедија првото полуфинале во нивната историја.
Најзаслужен за триумфот на Кожув беше Слободан Божовиќ кој имаше учинок од 22 поени и 12 скока, а Димитар Караџовски мечот го заврши со 15 поени. Во таборот на Вардар најпрецизни беа Жарко Ѓуриќ со 16 и Владимир Гајовиќ со 14 постигнати коша.