Кошаркарите останаа без селектор

Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе добие нов селектор откако денес управниот одбор на МКФ ја прифати поднесената оставка на Марјан Лазовски.

Како главна причина за поднесената оставка од страна на Марјан Лазовски се потенцираат здравствените причини, но и потребата посериозно да се посвети на клупските обврски со КК Работнички.

Управниот Одбор на МКФ на денешниот состанок ја прифати оставката на Лазовски, на база на одличната соработка која Федерацијата ја имаше со него во изминатите години.

Селекторската позиција на нашата сениорска репрезентација од денеска официјално е празна, а во наредниот период, спортскиот директор Врбица Стефанов и директорот на репрезентациите Илија Мерџановски, активно ќе се вклучат во процес на изнаоѓање ново вистинско решение за македонскиот најдобар кошаркарски тим, пренесува официјалната вебстрана на МКФ.

На состанокот на УО беше потенцирано дека внимателно ќе се избира и нема да се избрзува, со надеж дека Македонија ќе го добие новиот селектор до извлекувањето на групите за Евробаскетот во Словенија, закажано за 18 ноември.