Кошаркарите беа и мора да останат наши херои

Не смееме да заборавиме дека тоа се истите луѓе на кого се поклонувавме пред 10 месеци на плоштад и на истото место баравме да се постават нивни споменици. Но и тие нека не заборават дека од грешките се учи, но само ако ги пронајдат во своите редови.

Како што и се очекуваше, по неуспехот на предолимпискиот квалификациски турнир во Венецуела, кошаркарската репрезентација на Македонија беше подложена на критики од медиумите и јавноста.

Но тоа не е ништо ново. Навикнати сме да критикуваме затоа што Македонија е земја на 2 милиони селектори, а не е ништо ново ни тоа што истите оние критичари пред само 10 месеци беа најголеми возвишувачи на македонските херои.

Новинарите заборавија дека пред 10 месеци молеа за дресови и се радуваа како мали деца кога ќе се сликаа или ќе добиеја автограм од кошаркарите за чии успеси смислуваа сензационалистички наслови со кои си ја зголемуваа гледаноста, ги продаваа весниците и си ќаруваа кликови.

Навивачите заборавија дека токму тие луѓе не направија горди Македонци и не обединија и натераа да излеземе на плоштад во бројка каква што ниту една политичка партија со 500 автобуси од цела Македонија не успеала да собере. Тие заборавија дека во тој период беа главни во маало ако успееа да се сликаат со некој од кошаркарите и се правеа фраери со приказните од типот „тетка ми одела во градинка со мајка му на Антиќ". Навивачите заборавија дека бараа споменици и поголеми награди за јунаците кои го освоија четвртото место на Европското првенство и го остварија најдобриот резултат во историјата на македонскиот спорт.

Од грешките се учи

Челниците на МОК и МКФ изразија целосна поддршка на репрезентацијата но елиминацијата во четвртфиналето на квалификацискиот олимписки турнир не сакаа да ја оценат како неуспех, ниту пак некој презеде одговорност, а веројатно никој не ни планира да признае некоја своја грешка.

Одговорност мора да постои, а грешките мора да е воочат. Ништо нема да постигнеме со оправдувања од типот „ние супер си одигравме, ама не заеба судијата" или „ние добро шутиравме ама кошот беше крив" или „добро одигравме во одбрана, ама нив им тргна шутот".

Посилен тим кој ќе постигне подобри резултати ќе изградиме само со наоѓање и поправање на грешките во своите редови.

Во овие моменти мора да останеме обединети и да не дозволиме да се распадне репрезентацијата која со уште поголема поддршка од наша страна на следното Европско првенство во Словенија ќе го повтори успехот од Литванија.

11 јули 2012 - 18:33