Конечно дојде и тоа, НБА ќе легализира марихуана

По децениски дебати, управата на најдобрата светска лига спрема голем преседан во пресрет на новата сезона. Најдобрите кошаркари на светот веќе нема да бидат тестирани на марихуана.

Информацијата дека НБА ќе дозволи марихуана ја пренесе добро информираниот новинар Адријан Војнаровски, така што може да се заклучи дека одлуката е речиси готова.

Синдикатот на НБА играчи (NBPA) го потврди твитот на Војнаровски дека лигата веќе нема да има спонтани и неочекувани тестови за марихуана врз играчите и тренерите и дека фактички добиваат дозвола да ја користат.

Но не е се уште прецизирано што и како ќе произлегува од одлуката, затоа што нема сите супстанци да бидат дозволени. Супстанците кои ќе ги подобруваат перформансите на играчите, како и други наркотици, и натаму ќе бидат на листата забранети супстанци во НБА.

Целата дилема беше околу тоа дали марихуаната ги подобрува настапите.

Комесарот на НБА лигата, Адам Силвер во декември лани изјави дека одлуката на лигата за привремено стопирање на изненадните тестови на марихуана кај играчите е донесена во време на пик на пандемија со цел да се надмине стресот кај кошаркарите.

„Одлучивме така поради сите работи што се случуваа во општеството, сиот притисок и стрес под кои беа играчите, поради тоа што не треба да реагираме како Големиот Брат сега. Мислам дека погледите на јавноста околу марихуаната се сменија до едно одредено ниво“, изјави Силвер кој сега ја пролонгира одлуката играчите да не се тестираат на марихуана во сезонава 2021/2022.

Лигата најверојатно и натаму ќе има тестови само за кошаркарите кои би покажале знаци на проблематична зависност, а не на оние кои користат повремено и спонтано.

Треба да се напомене и дека Микеле Робертс, првиот човек на Здружението на НБА играчи (NBPA) во меѓувреме станал член на бордот директори на компанијата Cresco Labs која се занимава со производство и продажба на канабис.

 

7 октомври 2021 - 10:53