Хасани Гравет е роден на 16 јули 1995 година во Алабама (САД). Има 25 години а веќе може да напише убав роман за тоа што му се случи во само неколку месеци.
Гравет е плејмејкер, игра како организатор на играта. Средно училиште учел во „Роберт С. Александер“ во Џорџа и во „Харгрејв Воената Академија“ во Вирџнија. Од 2015-2016 учи на Пенаскола Стејт колеџот а од 2016 до 2019 на Јужна Каролина.
Во 2019-та се пријавува на НБА драфтот за кој се спремал во системите на Кливленд Кавалирс и Шарлот Хорнетс. Орландо Меџик потпишува договор со него на 13 август 2019-та, но набрзо го праќаат во филијалата на франшизата, Лејкленд Меџик во развојната G-League.
Хасани таму играл добра сезона, а супер натпревар одиграл против Лонг Ајленд Нетс кога имал 21 поен, 4 скока, 4 асистенции и 2 украдени топки.
Но во жестока конкуренција не добил шанса за повеќе, не успеал да остане во НБА и тргнува на друг континент.
По сезоната 2019/2020 се упатува во Европа и изненадно на 31 јули потпишува договор со МЗТ Скопје. Во мак-баскетот игра добра улога со по 12,4 поени, 4,0 скока, 3,1 асистенција и 1,2 украдени топки во просек по натпревар. Со „штрковите“ ја освои шампионската титула и Купот на Македонија.
Брзиот и снаодлив бек минатата сезона настапи на 26 средби од домашното првенство со просек од 12,1 поени, 4,4 скока и 3,7 асистенции додека во АБА2 на 12 натпревари просечно реализираше 12,4 поени, 3,9 скока и три асистенции.
По трофејната сезона во земјава, Хасани Гравет се враќа во Америка, поточно во тимот каде се развивал, во Лејкленд Меџик (филијала на НБА тимот Орландо). На 8 септември потпишува нов договор со „магичните“ и продолжува да игра во развојната лига.
Интересно, на 17 декември 2021-ва Гравет го остварува сонот и става потпис на договор со првиот тим на Орландо. Додуше 10-дневен поради праксата на НБА тимовите во време на пандемија и таканаречени „балони“ каде сите екипи се во строг режим со цел да не се шири вирусот, да се потпишуваат играчи на неколку дена со цел да ги одменат позитивните кошаркари кои се во изолација.
Меџик се една од најслабите екипи во НБА лигата со учинок од само 7 победи и 26 порази. Но и покрај тоа фасцинантно е дека Гравет, кој до вчера играше по македонските сали, сега е активен дел од НБА шоуто.
На претпоследниот дуел со Њу Орлеанс Пеликанс добил 17 минути и реализирал 5 поени. Во неделата вечер одиграл супер меч со Мајами Хит и за 33 минути уфрлил 12 поени со 5 скока и 1 асистенција. Ова било причина на 27 декември управата да му понуди нов 10-дневен договор.
Според правилникот, кошаркарите во НБА можат да потпишат најмногу два десетдневни договори, не повеќе од два, така што после нив управите и тренерите треба да одлучат дали ќе го задржат играчот до крајот од актуелната сезона. Гравет е на добар пат да остане во Орландо Меџик кој периодов имаше многу отсуства поради коронавирус.