Коби замина во легендата со 60 постигнати коша

Еден од најдобрите играчи на светот се прости од омилената игра на начин на којшто им доликува само на великаните. Уфрли 60 поени и одржа емотивен говор по триумфот со Јута Џез.

Во својот последен меч во кариерата, Коби Брајант уфрли неверојатни 60 поени со по 4 скокови и асистенции и беше најзаслужен за триумфот на Лејкерс против Јута Џес 101:96 синоќа.
 
Џезерите водеа 96:86 кога почна шоу-тајмот на Мамбата кој потсети на славните денови во кои на Езерџиите им донесе дури пет шампионски титули во НБА.
„Бев најгласен навивач на Лејкерс уште од мал. Го знаев секој играч кој играше овде. Најгорд сум на годините во кои не се предававме, затоа што никогаш не кренавме раце. Ви благодарам од дното на душата“, изјави меѓу другото Коби Брајант во емотивниот настап по крајот на мечот.
Коби во текот на својата 20 годишна кариера во НБА постигна повеќе од 33.000 поени, 7.000 скокови и повеќе од 6.000 асистенции. Освои пет прстени со Лејкерс, два пати беше МВП на финалето и само еднаш го одбраа за МВП на регуларниот дел.
 
Сите 60 поени на Коби синоќа против Јута
 
Во кариерата играше против асови како Џордан, Ајверсон, Вејд, Леброн, Кармело, Џејсон Кид, Тони Паркер, Данкан, Дурент, Пол. Брајант на два пати беше прогласуван за најкорисен играч на финалето и прв стрелец на НБА лигата. Во својата кариера дури 25 пати постигна повеќе од 50 поени, седум пати над 60 коша, а во Торонто направи чудо со дури 81 постигнат поен!
 

Во чест на 38-годишниот Коби, Твитер покрена хаштаг „Mamba day" преку кои најголемите легенди на НБА лигата, неговите поранешни тренери, соиграчи и противници со видео му одадоа голема чест на Брајант.

„Ни беше инспирација на сите", кажа славниот глумец и режисер Џек Николсон.

Инаку водител на целиот настан беше Меџик Џонсон, а Коби на теренот се појави насмеан и беше дочекан со громогласни аплаузи и сканидрања.

Шекил О'Нил: „Коби, стари, добредојде во нашиот нов живот. Забавно беше да се игра со тебе, забавно беше да се игра против тебе. Ти честитам на неверојатната кариера".

Дерек Фишер: „Честитам на неверојатното, 20-годишно возење. Тоа што ти го стори никој не може да го повтори. Чест ми е што ти бев соиграч и пријател. Ќе те сакам засекогаш".

Кевин Дурент: „Почитувам сè што направи за кошарката и биди горд на тоа".

Двејн Вејд: „Фала ти Коби што беше некој на кој можев да му се обратам. Те почитуваме и фала ти за сиве овие 20 години".

Грег Поповиќ: „Правеше работи на свој, на прави начин. Го постигна тоа што многумина не го сонуваат".

Дирк Новицки: „Беше задоволство да те гледаме и да играме против тебе".