Коби со повеќе кошеви од Џордан

Во 19. сезона во НБА лигата, капитенот на ЛА Лејкерс го помина Летечкиот Мајкл на вечната листа најдобри поентери во историјата на лигата и сега е трет со 32.310 поени. Коби вчера играше против неговиот потенцијален наследник, првиот пик на драфтот во Минесота, Ендрју Вигинс.

На Коби синоќа на дуелот против Минесота Тимбервулфс му недостигаа 9 погодоци за да ја помине иконата на кошарката, Мајкл Џордан. На 5:24 минути до крајот на втората четвртина, на своите 7 коша, Коби уфрли две слободни фрлањата и стана трет поентер во лигата, зад Карим Абдул-Џабар (38.387) и Карл Мелоун (36.928 поени).                                                      

„Му честитам на Коби што стана трет поентер на вечната листа“, напиша Џордан за Associated Press.

Коби сè уште е далеку од неприкосновениот Абдул-Џабар кој во моментов му бега 6.000 поени на Брајант, но и покрај тоа подвигот беше причина за славје.

„Очигледно е дека е страшен играч, со силни етички вредности и што е поважно, уште игра со голема страст. Уживав додека ги гледав неговите партии низ годините и сега ќе гледам што следно ќе освои“, изјави Џордан, актуелен претседател на Шарлот Хорнетс.

Домаќините од Минесота го прекинаа накратко мечот и легендата на Лејкерс доби овации од публиката и кошаркарска топка од Глен Тејлор, сопственикот на Тимбервулфс. Коби доби честитки и од соиграчите и од противничките кошаркари.

Коби ги бркаше поените на Џордан речиси две децении и во моментов има една титула помалку од Летечкиот, кој со Чикаго Булс освои 6 прстени. На Коби му требаа 1.269 натпревари да застане на НБА подиумот за најдобри стрелци. Џордан своите 32.292 коша ги даде на 1.039 официјални средби, а на третото место се качи во 2003. година.

„Како што никогаш не видовме друг играч како Мајкл Џордан, така нема да гледаме друг како Коби Брајант“, постираше на Твитер Меџик Џонсон.

Брајант дебитираше во НБА лигата токму против Минесота Тимбервулфс на 18 години, кога за 6 минути не постигна ниту еден поен. Лејкерс го доби синоќешниот дуел против Минесота 100:94, а тројката на Коби на минута пред крајот беше клучна за победникот. Капитенот го заврши мечот со 26 поени.

Коби ги рушеше рекордите низ годините:

Нивните дуели:

ЛИСТА НА НАЈДОБРИТЕ СТРЕЛЦИ ВО НБА:
1. Карим Абдул-Џабар 38.387
2. Карл Мелоун 36.928
3. Коби Брајант 32.310
4. Мајкл Џордан 32.292
5. Вилт Чембрлен 31.419
6. Шакил О' нил 28.596
7. Мозис Мелоун 27.409
8. Елвин Хејс 27.313
9. Дирк Новицки 27.223
10. Хаким Олајџувон 26.946