Од Пелистер пуштија соопштение во кое објаснуваат дека целта им било и на полуфиналните дуели и во финалето да има гостински навивачи.
Велат дека биле подготвени да ги отворат вратите, но нема да го сторат тоа бидејќи немало претходна најава за присуство на гостински навивачки групи за да може да се организираат и да ги запазат процедурите во салата.
Инаку зачудува и распоредот на денешните полуфинални двојки. Работнички и МЗТ Скопје играат од 17 часот, а Пелистер и Гостивар од 19:30, што значи нема никаква луфта.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
„Купот на Македонија е отворен за сите навивачи и навивачки групи!
Како домаќини и организатори на завршниот турнир од Купот на Македонија се чувствуваме повикани да ги објасниме случувањата во изминатите 24 часа, кои доведоа до тоа дуелот меѓу МЗТ Скопје и Работнички да биде игран без присуство на навивачките групи на двата скопски ривали.
Пред се, сакаме да ставиме до знаење дека желба на КК Пелистер секогаш е кошаркарските натпревари да бидат играни пред полни сали, затоа шго кошарката се игра за навивачите.
Наша цел како клуб беше овој Куп, особено полуфиналниот и финалниот ден да биде игран пред повеќе илјадна публика, поради што и се решивме за популарни цени од 100 денари за дневен билет.
Подготвени бевме да ги отвориме вратите за сите навивачки групи и во четвртфиналето, исто како и денеска и утре, но затоа отсекогаш постоела и ќе постои одредена процедура – најавување за присуство на навивачка група.
Во конкретниот случај, МЗТ Скопје синоќа после полноќ, а Работнички дури рано утрово се огласи со желба и конкретна најава дека нивните навивачи сакаат да дојдат и да го следат овој меч. Нивниот однос е изненадувачки бидејќи од претходно се знаеше дека овие два тима ќе играат еден против друг во полуфиналето, но ниту едниот ниту пак другиот не покрена иницијатива за да го најави присуството.
Згора на тоа, ние како организатори синоќа гласно прашавме претставници на федерацијата дали треба да се подготвиме за гостински навивачи, по што добивме негативен одговор, бидејќи ниту еден клуб не побарал такво нешто од куќата на кошарката, ниту пак од нас како домаќини.
Утрово скопските клубови се обидоа да извршат притисок, но нашиот одговор беше јасен – нема доволно време за извршување на сите неопходни дејствија (вадење на столици од сала, организација на дополнително обезбедување, план за евакуација) до почетокот на натпреварот.
КК Пелистер бил и ќе биде за кошарка пред што повеќе навивачи, затоа ги повикуваме клубовите кои ќе бидат финалисти вечерва да го најават присуството на своите фанови, за кои вратите на нашиот дом на утрешното финале ќе бидат широко отворени.
Битола е град што знае како да организира големи настани, но постојат правила и процедури што се следеле, треба да се следат и така ќе биде и во иднина, колку и некој да сака својата неспособоност да ја затскрие зад нешто друго“.
Со почит,
КК Пелистер
Срамна одлука во Битола, вечното дерби без публика
МЗТ и Работнички едногласни: „Кошарка се игра за публиката, никогаш немало вакво нешто“