Картите за Звезда – Галатасарај одат како алва, доаѓа и Атаман

На натпреварот од топ 16 фазата во Евролигата, нема да има турски навивачи, но домаќините успеаа да му обезбедат присуство на гостинскиот тренер кој ги навреди српските навивачи.

Комбанк арена која собира најмногу 25.000 гледачи “ќе гори“ во петок. Билетарата на која се продаваат влезници за мечот помеѓу Црвена Звезда и Галатасарај кој се игра во петок, отвори во 10 часот, а навивачите направија голема гужва пред влезот.

По двата порази во топ 16 фазата од најквалитетното клупско европско кошаркарско натпреварување, Звезда ќе ја пречека екипата која веќе ја победи во групната фаза, но без разлика на тоа интересот на овој меч е огромен.

Тоа се должи најверојатно и на она што му претходеше на мечот во Истанбул кој се одигра во ноември, кога за време на инцидентите беше убиен младиот навивач на Црвена Звезда, Марко Ивковиќ.

Чашката ја прелеа тренерот на Галатасарај, Ергин Атаман кој изјави дека навивачите на Црвена Звезда се однесувале како терористи, а на тоа реплицираше премиерот на Србија, Александар Вучиќ кој рече дека Атаман нема повеќе да смее да влезе во нивната земја.

Страстите се смирија и Вучиќ изјави дека на барање на раководството на Ѕвезда, Атаман ќе може да го води својот тим од клупата, а домаќините апелираат на фер и спортско навивање. Од 2012 година црвено црните се соочуваат со 12 казни за фрлање предмети на терен за кои платиле 68.000 евра.

И покрај тоа што гостински навивачи нема да присуствуваат во Белград, за безбедноста на мечот ќе се грижат 2.500 полицајци, а домашните навивачи ќе носат маици со порака до Марко која ќе гласи “живееш“.

14 јануари 2015 - 16:58