Перо Антиќ за летово најави спектакуларен проштален натпревар со ѕвезди од НБА и Евролигата, но го одложи бидејќи се зафати со кандидатура за претседател на МКФ. Во интервју за 1тв зборува на повеќе теми.
Мислел дека на 16 години да играш за Работнички е врвот во кариерата, но стана трикратен шампион на Европа и стигна и до НБА. Ги објаснува разочараноста од Пеце, скандалот за ФИРОМ, повлекувањето од репрезентацијата за која би потпишал без да игра за тим, како и инцидентот со полицијата во Њујорк за која вели: Па кога друг пат детенце од центарот на Скопје ќе има можност да ја тужи?
Трансферот во НБА му се случил во 5 до 12, а кога му се јавил Мишко, Перо му одговорил: Е да бе да ме закуцаваат на 32 години.
Дебито во Работнички
Да се игра во Работнички во помалите категории во мое време беше доживување. Кога ме избраа во прв тим на 16 години мислев дека готово, тука е врвот на кариерата. Немав некоја шанса за докажување, сепак играа имиња, како млад треба да учиш, но ме забележаа со националниот тим и ете имав среќа која треба да се погоди. Тренерот кој од плажа одлучи да види негов играч кој игра во грчкиот национален тим, дојде, случајно ме виде и ме зема. Голема благодарност до него бидејќи тој е заслужен за моето заминување од Македонија.
Разочараноста од Петар Наумовски
За Петар Наумовски само би кажал дека сум разочаран. Со сите тие врски (симнувам капа за тоа што го постигнал) и познанства не се искористени кај нас во кошарката. Сега спорт број 1 е ракометот, па ете предизвик да се бориме спортски со ракометот. Ценети сме и имаме познанства во руски федерации, турски и сега да не ги набројувам. Да се направи еден тим кој ќе комуницира со тие држави и да правиме размена на турнири и се тоа да биде бенефит за младите и клубовите.
Скандалот со ФИРОМ
Мене не ми кажаа Грците да кажам ФИРОМ, туку Шпанците што ја водат Евролигата. Ќе изгубиме работа ве молам кажете. Секаде сме претставени како ФИРОМ, на претседатели им е нормално да кажат ФИРОМ и сега во тоа лудило на Фајнлфор за кој не сум ни сонувал се чекаше во редица за снимање. Јас кажав еднаш со ФИРОМ и еднаш без ФИРОМ, а тие одлучија да се стави тоа со ФИРОМ. Е некој кикс, ама и не е.
Зошто не давал од тогаш интервјуа
Јас откако ја освоив Евролигата им вратив на тие што ме критикуваат за ФИРОМ со: Нека умрат од мука сега. Јас на тоа видео се вртам и тоа „од“ не се слуша. Потоа пренесуваа како „Перо им посакал на сите да умрат“. И после тоа решив да стиснам муте и да ме нема, пишувајте што сакате. Бидејќи сега сите се тренери, сите се новинари, сите имаат да кажат што сакаат на социјалните мрежи.
Причините за повлекувањето од репрезентација
Се повлеков во 2013-та после Европското. Ќе кажат Кире игра на 40 години, па не знам кој играл до 38 години, Пандев игра уште. Јас ќе одиграм 38 минути, ама на нашите таленти им земам место и тие минути им ги земам на нив кои треба да се продадат, да бидат следни лидери. Плус тие напади кои беа од страна направија така да одлучам. И ден денес кога ја гледам репрезентацијата имам трема и ми се игра. Да ми понудеа договор само за репрезентација би потпишал да не играм за тим бидејќи чувството да играш за репрезентација не се опишува. Причините лежат и во новото раководство на федерацијата. Тогаш сакав да направам една пауза со повредите. И кога дојде новото раководство не постапија океј, ниту ме контактираа и тогаш почна таа лоша конекција.
Како отишол во НБА
Имав две опции за да одам во НБА, години пред тоа и требаше да почнам утредента за Барселона. Со мојот менаџер Мишко Ражнатовиќ имаме договор после 22 часот да не се слушаме или ако имам клуб никој да не си досаѓа. Ми се јавува околу 22:30 и си викам да не има некој проблем со утрешниот, а тој ми вика што мислиш за НБА? Де бе викам ќе ме закуцаваат сега на 32 години. Вика ај само позборувај со тренерот. Зборувавме и не сакав да бидам од оние „абе мене ми понудија во НБА ама не отидов“. Потоа реков ајде ќе отидам да видам како е таму. Си гледал на тв НБА, желба ти е и сега чудно ти е, дали ќе играш, па среќа во несреќа се повреди главниот играч и тренерот ми вика ти ќе играш стартна петорка, а јас чекај, чекај. Кога го дадов првиот кош и си викам абе исто е, топката, кошот. Психа е се. Првата сезона тргна супер, стигнав и до Ол Стар, на 32 години во мечот за ѕвезди во подем, а децата се 16, 18, 19 години. Одлично искуство.
За инцидентот со њујоршката полиција
Излеговме во еден клуб со Табо Сефолоша и неговиот менаџер и после пола саат имаше чистка во клубот бидејќи надвор избоделе друг кошаркар. И сега знаете со расизмот како е во Америка, а Табо е црн, јас бел и како што не буткаат полицајците да излеземе од клубот, Табо им вели јас сум црнец, ова е расизам и фати ја да го апсат, а тој се опираше. Кога видов како осуммина полицајци на еден, тимски фатив двајца полицајци, ги потегнав за рамо и им викам што правите? Се собраа уште 10 и така заврши како што заврши. Бевме приведени затоа што сме ги спречувале да работат на местото на злосторот што нема везе. И после тоа брејкинг њуз, уапсен тој и тој како да сум направил кој знае што. И тоа е некој минус, би изреагирал поблаго, али не би оставил некој пријател да е во неволја сам.
Табо се тужеше доби 4 милиони, а јас бев заштитен сведок и кажав како што треба. Адвокатот мој се обиде да им извади за мене оштета од 25 милиони како максимум што може да се добие за тој случај. Викам ај ќе ги тужиме, кога друг пат детенце од центар на Скопје ќе може да ја тужи њујоршката полиција. На крај останав со нула и со добро искуство. Да беше тоа во Европа, куферите и си одиш, но таму тоа е сосема друг бизнис, друга организација од која доста имам научено што во нашите сфаќања не е логично. Како што се вративме тренерот застана позади нас, во 7 и се јавувале на сопругата за да објаснат колку сум добар. Се грижат до крај и после два дена имавме натпревар како ништо да не се случило.
Дуда и Жељко ќе едуцираат тренери во Македонија
Дуда одлучи да ме врати во Евролигата после 2011-та поради тоа што се влечеа некои валкани кофери кои со себе ги носиш кога тренерите ќе кажат добар е се ама лош е во карактер по што тимовите не сакаат да се земат. Дуда ме зема во Олимпијакос и јас реков ако го поминеш Дуда си магистрирал кошарка. Големите тренери кој и да си те ставаат во строј како во војска. Јас Дуда го викав генерал. Тој ме стави во ред и ја освоивме првата Евролига. За Жељко Обрадовиќ можам да кажам дека цел живот ми бил предизвик да ми биде тренер и да играм за негов тим, едноставно по гестикулациите кои ги гледате на тв кога ќе поцрвене. Со него тие два часа на натпревар или на тренинг е генерал од тие најлошите. Другите 22 часа е човек со кој сакате да бидете со него, цело време сака да помага. Овие двајца тренери кои се врвот на европската кошарка ќе бидат вклучени во федерацијата, да помагаат, да ги едуцираат тренерите. Тоа стои во мојата програма и е прифатено од нив.