Историска шанса за Клиперс, Хјустон за целосен пресврт

Откако изборија мајсторка во серијата против ЛА Клиперс, кошаркарите на Хјустон ги вратија сеќавањата на Клач Сити генерацијата на Рокетс кои во 1994 и 1995 го освојуваа шампионскиот пехар во НБА.

Уште една победа вечерва ќе го однесе Хјустон во првото конференциско финале по 1997. година, додека Клиперс ќе играат за прво финале во клупската историја.
 
На последниот дуел, Хјустон како гостин ги победи Клиперси во натпревар во кој тимот од Лос Анџелес имаше и 19 поени предност. По водството на Клиперс од 3-1 во серијата, составот од Тексас со две победи по ред израмни на 3-3.
 
Тренерот на Хјустон, Кевин Мекхејл кој освои три шампионати со Бостон Селтикс и влезе во Куќата на славните изјави дека нема некоја магична формула за победа во недела. Според него, играчите треба само да знаат зошто го играат натпреварот.
„Седми натпревар е. Забавно е. Тоа е нешто за што се живее, затоа се радуваш дури тогаш откако ќе направиш нешто навистина големо“, го симнува психолошкиот товар од своите играчи Мекхејл во пресрет на вечерашниот меч.

ЛА Клиперс се во полуфиналето трет пат во последните четири години и ќе бркаат победа после два порази од Хјустон. Во финалето веќе се пласираше Голден Стејт Вориорс.
„Имавме две шанси и не ја затворивме серијата. Мора да се признае дека играа подобро од нас на претходните два дуели и повеќе од нас ја посакуваа победата“, изјави Блејк Грифин.
Џејмс Харден се најде во невообичаена ситуација на претходниот шести натпревар. Иако настинат, одигра три четвртини, постигна 23 поени и последната четвртина ја преседе на клупата. Неговата улога ја презедоа Кори Брауер и Џош Смит кој го водеа Хјустон до победата.
„Многу значи овој натпревар. Верувам во голем успех уште од првиот ден кога дојдов во оваа франшиза. Во добра позиција сме да направиме нешто големо, ова е голем тест за нас“, додаде Харден.
Главен адут за Хјустон би можел да биде Двајт Хауард, кој веќе играше две конференциски финалиња со Орландо Меџик, со кои една година играше и во финалето. Дуелот започнува вечерва од 21:30 часот.