Гробари доаѓаат во Скопје во сопствена режија

Иако во Јадранската лига гостувањата се забранети, навивачите на МЗТ Скопје и на Партизан веќе три сезони по ред наизменично присуствуваат на дуелите на своите екипи во Скопје и во Белград. Во аеродромскиот клуб не е стигнат допис дека ќе дојдат.

По инцидентите на Ф4 во Љубљана, раководството на АБА лигата од 2003. година ги забрани организираните гостувања, по што неколку тимови добиваат поддршка од навивачи кои се решаваат да патуваат во сопствена режија. Така Фемили Аеродром неколку години по ред патува во Загреб, Љубљана, Белград, Крагуевац, Смедерево.

Како минатата и предминатата година, белградски Партизан и викендов ќе има свои навивачи против МЗТ Скопје, овојпат во СЦ. Јане Сандански. На неколку навивачки форуми, покрај стандардните партизановци од Скопје, Куманово, Велес, Битола и Охрид, се најавува присуство и на одреден број Гробари од Белград, Ниш и Врање.

„Нема никаква најава, ниту допис од белградскиот клуб до нас за евентуално присуство на нивните навивачи. По забраната за гостински навивачи, ниту еден клуб не организира такво нешто. И да има навивачи на Партизан, тие би дошле во своја режија", изјави за Офф.нет.мк, Видое Секулоски, директорот на МЗТ Скопје.

Клубовите во Јадранската лига немаат право организирано да водат навивачи на гостувањата, така што групите најчесто се одлучуваат сами да го финансираат патувањето. Тоа е ризик од неколку фактори, пред сè поради големата веројатност да бидат вратени на граница.

Тоа им се случи на навивачите на МЗТ Скопје пред две години, кога беа вратени од хрватската граница, со образложение дека „немаат доволно финансиски средства за престој во Хрватска“, по што Фемили Аеродром залудно патуваа 1000 километри.

Од друга страна, аеродромци никогаш немале проблем при гостувањата на северот, па така го гледаа МЗТ против Мега Лекс, против Раднички во Крагуевац и против Партизан. Во Скопје, од гостинска публика организирано навиваа само Гробарите.

Инаку навивачите на МЗТ Скопје и Партизан имаат коректни односи, иако минатата година Скопјани им одземаа знаме на битолските гробари, а подоцна истакнаа парола во чест на еден убиен навивач на белградската подгрупа на гробарите, забрањени.

Дуелот МЗТ Скопје - Партизан се игра во сабота, со почеток од 21:00 часот во салата Јане Сандански.

МЗТ Скопје - Партизан 16.03.2013

МЗТ Скопје - Партизан 27.10.2013