Грците во полн состав на ЕП во Загреб

На 11 дена до почетокот на ЕП, селекторот на првиот ривал на македонската репрезентација го објави списокот на кошаркари со кои ќе настапи на првенството во Загреб. Хелените со дури тројца НБА кошаркари.

Селекторот на грчката кошаркарска селекција, Фотис Кацикарис го објави списокот од 12 играчи кои ќе настапат на ЕВРО2015, шампионат кој ќе се одржува во четири земји: Франција, Германија, Летонија и Хрватска.
 
Токму во главниот град на Хрватска, нашата репрезентација на 5-ти септември отвора против Грција, репрезентација која ја победивме пред четири години на ЕП во Литванија.
 
За тоа дека Грција сериозно му пристапува на претстојното првенство покажува фактот дека во составот има дури тројца НБА кошаркари (Папаниколау, Куфос, Антетокумпо) кои се оглушија на препораките да се чуваат за новата сезона во САД.
 
Најголема ѕвезда на Грците по секако е Василис Спанулис, а веднаш до него е и неговиот клупски колега Јоргос Принтезис. Селекторот Кацикарис се одлучи од конечниот список да отпаднат Владимир Јанковиќ и Димитрис Аграванис. Јанковиќ го има освоено златниот медал со Грција во категориите до 18 и 20 години, како и златото на СП до 19 години. Тој беше присутен на секој список во последните 4 години, но поради силна конкуренција на неговата позиција никогаш не доби простор меѓу сениорите.
 
21 годишниот Аграванис исто беше дел од златните младински генерации, но поради повредата на подготовките отпадна од списокот. Минатата недела од списокот за ЕУРО отпадна и високиот Зисис Сарикопулос кој не можеше во конкуренција со Костас Куфос и Јанис Бурусис на центарската позиција.
 
Составот на Грција за ЕП2015: Никос Зисис, Ник Калатес, Костас Слукас, Еванѓелос Манцарис, Василис Спанулис, Јанис Антетокумпо, Костас Папаниколау, Стратос Перпероглу, Јоргос Принтезис, Костас Кајмакоглу, Костас Куфос, Јанис Бурусис.