Главните интриги на НБА драфтот 2018 и сторија за пикот број 1

Фамозниот НБА драфт ќе се одржи вечерва. Генералните менаџери не спиеле со денови, навивачите се спремаат да видат кого ќе одбере нивната франшиза а пиковите ќе излезат дотерани во одела (секако не како во далечната 2003)

Први право на избор имаат Феникс, Сакраменто и Атланта по тој ред, а потоа сите други. Откако заврши финалето фокусот е насочен кон иднината - таленти од цел свет кои ќе ги одберат 30 НБА екипи.

Единствено нешто околу што сите се сложуваат е Деандре Ејтон кој е апсолутен пик број еден. Се работи за центар од Универзитетот Аризона кој тренираше со Феникс Санс каде најверојатно ќе ја продолжи кариерата.

Ејтон на 23 јули, во сабота ќе наполни 20 години и важи за најголема ѕвезда на драфтот. Го споредуваат со Патрик Јуинг, Карл-Ентони Таунс и ДеМаркус Казинс. Во просек во колеџ лигата давал по 20,1 поени, имал 11,6 скока и 1,6 асистенции.

Плусеви му се: широките раменици и простор да стави уште мускулна маса. Иако е корпулентен мошне е подвижен. Одличен финишер кој може да постигне кош и со двете раце. Знае да си направи пространство во пост. Ефективен шутер

Минуси му се: Во одбраната често знае да доцни, нема одбранбен инстинкт или му фали жестока тренерска рака. Има низок рејтинг на блокади и треба да работи на владеење со топка.

Во случај да потпише со Феникс, Ејтон ќе им се приклучи на големиот талент Девин Букер како и на Џош Џексон и другите клинци од ростерот на Феникс кој го тренира новиот тренер Србинот Игор Кокошков.

***

Ејтон во 2010 година првпат заиграл кошарка во Насау, на Бахамите каде е пораснат заедно со мајка му и четворица други браќа.

„Моето семејство е среќно што кошарката стана толку важна за мене“, во 2015 изјавил Ејтон кога го сметале за еден од најблиските наследници на Кевин Гарнет.

Сè започнало кога мајка му го убедила да се пријави на еден кошаркарски камп во летото 2011 година. Тогаш првпат играл сериозно организиран баскет по маалските партии со другарите. Тогаш уште не ги знаел правилата:

„Во еден момент скокав без да шутнам и правев чекори. Мислев дека тоа е дозволена финта“, се сеќава Ејтон на детството.

Набрзо се извишил преку 2 метри на 12 години и почнал да покажува осет за топка. Толку требало за брз премин во САД - благодарение на тренерот Шон „Ајс“ Менинг стигнал во ААУ (младинската аматерска лига). Менинг го земал во својот дом во Сан Диего.

На Ејтон не му требало многу време да стане еден од најдобрите играчи во лигата па потпис со Универзитетот Аризона бил неизбежен. Со посериозни тренери брзо станал физички доминантен и несовладлив.

Втор пик на драфтот по се изгледа ќе биде Марвин Бегли III до чиј потпис најблизу се Сакраменто Кингс.

Најдобриот играч во Евролигата за сезоната која неодамна заврши, Лука Дончиќ најверојатно ќе оди во Атланта Хокс како трет пик на драфтот а четврт ќе биде Мајкл Портер - јуниор на кого се надеваат Мемфис Гризлис.