По трагедијата во Истанбул, кога непознат напаѓач го уби навивачот на Црвена Звезда, Марко Ивковиќ, двата клуба побараа од турската полиција што побрзо да го најде убиецот и најстрого да го казни.
Тензијата не се смири ниту по 21. ноември кога се случи убиството, а навивачите на Галатасарај по социјалните мрежи упорно повикуваат на нови насилства против руските, грчките и српските навивачи. Од таа причина, европската кошаркарска унија им наложи на сите клубови кои играат во Европа, во иднина да направат сè што можат во салата и надвор од неа за никогаш да не се повтори слична трагедија.
Во група со Галатасарај е и грчкиот Олимпијакос, чии што навивачи имаат блиски односи со навивачите на Црвена Звезда. Турскиот и грчкиот клуб на 18. декември ќе играат во Истанбул, а Грците уште од сега неофицијално најавуваат бројно гостување во главниот град на Турција. Следната сабота, во ватерполо Лигата на шампионите играат Партизан и Галатасарај во Белград, а српските власти сè уште не одлучиле дали ќе дозволат да се игра тој натпревар.
Во заедничко писмо,и Евролига и Галатасарај и Црвена Звезда упатија сочувство до семејството на Марко Ивковиќ, којшто вчера беше погребан во Белград, во присуство на неколку илјади луѓе. Евролига упати сочувство и до сите пријатели, роднини и познаници на настраданиот Марко. На погребот присуствуваше и Диего Гиљен, комесарот за натпреварување во Евролигата.
Претседателот на Евролигата порача дека сите натпревари во нивна организација неделава ќе започнат со 1-минутен молк во знак на сеќавање на Марко Ивковиќ „Јагода“.